Свет
7. July 2016 - 8:57

Доживотен затвор за двајца поранешни градоначалници од Руанда

Суд во Франција на доживотен затвор осуди двајца поранешни градоначалници од Руанда заради извршен геноцид.

Во пресудата на судот се наведува  дека двајцата поранешни градоначалници од Руанда во 1994 година организирале масакр во кој биле убиени повеќе илјади Тутси, пренесуваат француските медиуми.

Судот соопшти дека Октавијан Нгензи (58) и неговиот претходник Тита Барахира (64) се виновни за злосторства против човештвото, масовни и систематски убиства и геноцид во нивното село Кабарондо, каде околу 2.000 лица биле масакрирани, откако побарале засолниште во локалната црква. 

Ова е најстрогата казна за геноцид што ја донел еден француски суд.

На некогашниот воен капетан Паскал Симбикангу во 2014 година му беше изречена казна од 25 години затворска самица заради геноцид и злосторства против човештвото.

Во текот на осумнеделното судење се слушнаа застрашувачки сведоштва кои двајцата градоначалници ги прикажаа како „надзорници и крвници“ во масакрите во кои Хуту екстремистите во 1994 година убиле меѓу 800.000 и милион лица, повеќето Тутси. Меѓу жртвите имало и умерени Хуту.

-Нгензи бил водачот. Барахира е официр со мачета, рече обвинителот Филип Коруа, кој побара доживотен затвор за двајцата обвинети.

Убивањата се случиле меѓу  6 април и средината на јули 1994 година. Ова злосторство главно го сториле две Хуту екстремистички организации - Интерахамве и Импузамугамби.

Меѓународниот суд за воени злосторства во Руанда, чиј мандат беше завршен во 2015 година, осуди 61 лице  за учество или одговорност за незапаметениот геноцид.