Македонија
13. January 2018 - 16:22

Дотраени и ненавремено сервисирани апарати ги пренасочуваат пацинетите од истокот кон Скопје

Пациенти од Истокот се жалат дека дел од апаратите во штипска клиничка се надвор од функција, поради што се приморани здравствените услуги да ги бараат по скопските клиники. Првиот човек на болницата не ги негира нивните забелешки, но тврди дека кога седнал на директорското столче затекнал вистински хаос.

-Проблемите се влечат неколку години наназад. Главниот проблем е што имаме и дотрајани апарати и што истите не се навремено сервисирани.-изјави д-р Ален Георгиев, директор на Клиничка болница-Штип.

Тоа доведува до чести дефекти чија поправка чини многу повеќе.

-Бидејќи  не биле навремено сервисирани, апаратот за магнетна резонанса кој го сервисиравме, дензитометарот, апаратот за анестезија, како и УБС батеријата итн., сето тоа не чинеше повеќе од 80 000 евра, изјави Георгиев

Во моментот не работи компјутерскиот томограф и апаратот за факометода за лекување на очни болести. „Камен околу вратот“ на сите јавни здравстевни институции, вели Георгиев, била погрешно поставената и предолга процедура, односно прво се чека да се расипе апаратот, па се распишува тендер преку Советот за јавни набавки.

-Сега ќе биде обратно. Секој апарат што ќе биде расипан, сервисерот ќе дојде и веднаш ќе почне со вградување на делот и сметам дека времето ќе биде многу пократко за апаратите кои ќе се расипат да бидат вон функција, а се во интерес на пациентите и граѓаните кои имаат потреба да ги користат услугите на Клиничка болница -Штип- изјави Георгиев

Само пациентите кои имаат термин на денот на дефектот не се услужени, а сите останати телефонски се информираат за проблемот и им се закажува друг термин.

-Оние итни пациенти кои што ќе дојдат, секако доколку има потреба ние ќе ги транспортираме до оние здравствени инситуции каде ќе им биде пружена медицинска нега, вели Георгиев.

Работите полека се мрдаат од мртва точка, додава Георгиев, но потребни се средства и време состојбата да се нормализира, а болницата да започне правилно да функционира.