Македонија
21. November 2016 - 13:08

Донација за битолскиот Дом за доенчиња и мали деца без родители од Фондацијата „Илија Камчев“

Фондацијата „Илија Камчев“ денеска додели облека и детска опрема за децата без родители и родителска грижа во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца во Битола.

Со оваа донација на повеќе од 1.400 артикли, Фондацијата „Илија Камчев“ го одбележа Меѓународниот ден на детето, 20. ноември, информираат од Фондацијата.

- Одбележувањето на Меѓународниот ден на детето, нашата најскапоцена вредност - идното поколение, на кое треба да му бидат овозможени опстанок и напредок без оглед на било која разлика, како што е раса, боја на кожа, јазик, вероисповед, национално или социјално потекло, не е само чин на добра волја, туку и обврска. Неопходно е да правиме сѐ што е во наша моќ за да им овозможиме на сите деца да учат и растат, и да го постигнат својот целосен потенцијал, бидејќи секоја инвестиција во децата е инвестиција за иднината, истакна Јордан Камчев, претседател на Фондација „Илија Камчев“.

Меѓународниот ден на детето е востановен од Организацијата на Обединетите Нации кои пред 25 години ја усвоија Конвенцијата за правата на детето, со што човештвото првпат во историјата јасно и недвосмислено ги дефинира неотуѓивите права на најмладите граѓани на државите во светот. 

- Големо е задоволството што Фондацијата „Илија Камчев“ одлучи одбележувањето на Меѓународниот ден на детето да го реализира преку донација во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца – Битола, деца на кои поддршката, без оглед на тоа дали доаѓа од оние што непосредно се грижат за нив, или од луѓето однадвор, е неопходна и благородна. Тоа не може да се направи без поддршката на субјектите кои се општествено одговорни, како што е во случајов Фондацијата „Илија Камчев“. Јас верувам дека нашата соработка нема да заврши тука и дека истата ќе опфати повеќе проекти во иднина, изјави Наташа Младеновска-Лазаревска, директорка на ЈУ Дома за доенчиња и мали деца - Битола.