Македонија
3. October 2016 - 15:03

Донација од визитинг лекарот од САД Кен Брудер за струмичката болница

Визитинг докторот од САД, Кен Брудер донираше апарат за симулации на лапароскопски операции на Општа болница Струмица. Специјалистот хирург од САД доаѓа вторпат во болницата преку договорот на Меѓународната асоцијација на лекари, Министерството за здравство и Лекарската комора на РМ за да ги пренесе искуствата со неговите струмички колеги.

- Кога дојдов првиот пат, само се запознав со колегите и со опремата која ја има во болницата, но и да видам што недостасува. Ова мое второ доаѓање го искористив да го донесам овој апарат што сметам дека ќе биде од голема корист за идните хирурзи. Тоа е апарат кој помага за симулација на лапроскопски операции. Идејата ми беше да им помогнам на моите колеги да ги подобрат перформансите, а со тоа и да ја подобрат услугата за пациентите, рече Брудер.

Од болницата велат дека апаратот ќе значи многу за младите лекари.

- Нас ни е чест и задоволство што д-р Брудер пред се учествува во секојдневните активности и оперативните програми на нашата болница, со што директно го пренесува професионалното искуство стекнато во нивната долгогодишна работа. А овој негов хуман и многу несебичен гест ќе помогне во работата на хирурзите во болницата, рече спец.д-р Амкица Анѓова, директор на Општа болница Струмица.

Лапароскопската хирургија неколку години се применува во струмичката болница, објаснуваат лекарите, напоменувајќи дека тенденцијата им е да го прошират оперативниот дијапазон.

- Во овие години кај нас се користи лапроскоспка хирургија, ја користиме за калкулозна жолчна кеса. Но, има лапроскопската хирургија има широк дијапазон на индикации каде може да се користи. Идејата не е само за лапроскопско отстранување на камењета од жолчката, како што правиме досега, туку да го прошириме дијапазонот со лапароскопско отстранување на слепо црево, потоа за лапароскопската хемиопластика. Понатаму со помош на колегите од САД и од РМ, да воведеме колон хирургија на дебелото црево, објасни спец. д-р Никола Пачоов, хирург во Општа болница во Струмица.

Д-р Пачоов додаде дека стандард во современата хирургија е 70 проценти од операциите во абдоменалната хирургија да се прават лапароскопски, поради големиот број предност, меѓу кои малите резови, постоперативен брз тек итн.