Македонија
12. July 2017 - 17:07

Домашни градинки - нова можност за згрижување деца

Охриѓанката Оливера Дамјаноска од денеска во својот дом може да згрижува деца од предшколска возраст. Таа е првиот сертифициран воспитувач кој во сопствениот дом обезбедува услови идентични на детските градинки.

- Јас сум дипломиран воспитувач, имам работено со деца но останав без работа и ми беше предизвик да се вклучам во овој тренинг центар за да можам во својот дом да создадам простор за да ги згрижам дечињата, вели Дамјаноска.

Сертифицираните воспитувачи можат да згрижат најмногу пет деца за кои е потребно да обезбедат простор од 15-тина квадрати. Времето на престој и цената за згрижување е предвидено да се договораат според потребите на родителите..Домашното згрижување на деца е дел од проектот Унапредување на алтернативните услуги за згрижување деца финансиран од Европската унија кој се спроведува во соработка со Министерството за труд и социјала.

- Ние се сретнавме со повеќе од 3 илјади родители на мали деца и ги дознавме различните потреби и очекувања кои се однесуваат на системот за згрижување. Се сретнавме и со повеќе од 300 невработнеи да утврдиме дали кај нив постои интерес за работа со деца од предшколска возраст во домашни услови, изјави Мариус Хаулика, Лидер на Проектот.

Инаку во проектот е предвидено вклучување и на приватните компании со чија поддршка ќе се исполнат потребите на вработените со мали деца.

Дамјаноска е дел од првата група на 20-тина невработени жени кои денеска добија сертификат за домашно згрижување на деца. Сметаат дека со нивната работа ќе го амортизираат недостигот од слободни места во градинките.