Бизнис
18. March 2018 - 9:43

Домашната градежна индустрија притисната од неконтролиран увоз

 Домашната индустрија на градежни материјали (цемент, гипсани, туларски, битоменски производи...) се соочува со голема конкуренција со ниски цени од неконтролиран увоз од Србија, Бугарија, Албанија, Грција... На таквата конкуренција не може да одговори поради високите трошоци во работењето, оценуваат од Групацијата на индустријата на градежни материјали.
 
Се залагаат државата да направи контрола на увозот, за што е потребна законска интервенција, со истовремено зајакнување на капацитетите и на пазарната инспекција.
 
- Државата мора да направи контрола на увозот. Како што нашите фирми прават испитувања во соседните земји за да можат да ги пласираат производите, треба и за нивните производи да се направи контрола при увозот. Во Србија, некои производи неможат да се извезат ако не е направено испитување во нивните лаборатории, зошто и ние да не го правиме тоа, велат од Групацијата и посочуваат дека со сегашните услови, домашните фирми се соочуваат со двојни трошоци.
 
Од градежната индустрија гледаат решение на проблемот во меѓусебно признавање на испитувањата или пак и Македонија да побара испитувања за се’ што е увезено. 
 
Како што потенцираат од Групацијата, недозволиво е да се увезува секаков цемент, бетон, железо и други материјали кои се вградуваат во објектите. Тие, потенцираат, имаат големо влијание на стабилноста на објектите.
 
Официјалните статистички податоци покажуваат дека Македонија лани увезла цемент во вредност од 16 милиони евра, каде предничи увезениот од Албанија во вредност од 8,5 милиони евра, а увоз имало и од Бугарија, Грција и Турција.
 
Минатата година се увезени керамички ѕидарски тули во вредност од 5 милиони евра, најмногу од Србија во вредност од 3 милиони евра, а по милион евра од Албанија, Бугарија, Грција. Од Групацијата посочуваат дека иако Македонија произведува едни од најцврстите керамиди, лани сме увезле таков градежен материјал во вредност од 3,6 милиони евра, од кој 2,5 милиони отпаѓаат на увозот на Србија, по што следи увозот од Грција.
 
Одделението за безбедност на производи при Државниот пазарен инспекторат, кое  е надлежно за контрола на градежните производи, минатата година извршила 542 надзори кај производителите и увозниците на градежни производи.  Предмет на контрола  биле ПВЦ и алуминиумски  прозори и врати, агрегатите и експандиран полистирен. Дел од нив кои не поседувале документ за сообразност, биле задолжени да извршат тестирање на производот во соодветна акредитирана лабораторија.
 
- Дел од контролираните производи поточно агрегатите се во постапка на обезбедување на потребните документи за сообразност, а останатите ги обезбедија потребните документи. Во наредниот период, Државниот пазарен инспекторат продолжува со контрола на градежните производи. Во моментов се врши контрола на агрегатите. Од почетокот на 2018 година заклучно со февруари направени се 25 контроли кај овој тип производи. Постапката на контрола за нивна сообразност е во тек, велат од Пазарната инспекција.
 
 
Согласно Законот за градежни производи, секој градежен производ може да се пушти на пазарот доколку е соодветен со својата употребна намена, соодветно означен и пропратен со изјава за својства и техничко упатство. Кога градежниот производ е сообразен со хармонизиран стандард или соодветствува со европска техничка оценка која е издадена за него, производителот изготвува изјава за својства. Таа содржи податоци за својствата на градежните производи кои ги исполнуваат суштинските карактеристики на овие производи во согласност со хармонизираните технички спецификации.
 
Доколку Државниот пазарен инспектор утврди дека е сторена повреда на одредбите од овој закон и техничките прописи, носи решение, наредува отстранување на утврдените несообразности, определува рок за отстранување, наредува означување на производите со пропишаните знаци за сообразност. забранува пуштање на пазарот несообразни градежни производи. Исто така, законот овозможува инспекторатот да го ограничи прометот или да нареди повлекување на производот од пазарот, времено да забрани секакво доставување, и изложување на производи во период кој е потребен за извршување на разни прегледи и тестови, веднаш штом се појави сомнение дека тие градежни производи се несообразни со прописите.
 
Прекршочните одредби се во висина од 5.000 евра до 15.000 евра за правното лице во зависност од направениот прекршок. Се изрекува и санкција забрана за вршење на дејност во траење од една до три години доколку се повтори прекршокот.