Бизнис
21. July 2017 - 14:07

ДОМ бара запирање на отворањето нов рудник во „Боров Дол“

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) во соопштение до медиумите ги повикува сите надлежни државни институции, локалните самоуправи на Штип, Радовиш и Конче, како и министерствата за транспорт и врски, земјоделство, екологија и економија, да го запрат отворањето на нов рудник „Боров Дол“ меѓу Штип, Радовиш и Конче.

- Се спрема отворање нов рудник на смртта „Боров Дол“. Тоа треба да биде уште еден површински коп за бакарна руда, која би се лужела со сулфурна киселина директно во отворен базен на планината. Ќе упатиме писмени известувања, а ќе побараме и средби за алармирање за проблемот со овој, но и со сите десетици најавени рудници на територијата на половина Македонија, се вели во реакцијата на ДОМ.

ДОМ наведува дека во тек е процедура за донесување државна урбанистичко-планска документација за изградба на руднички комплекс.

- Се спрема  изработка на нов урбанистички план надвор од населено место за 473 хектари, со кој индиректно ќе се смени просторниот план од 2004 година и ќе се внесе тешка и загадувачка индустрија во регион наменет за производство на храна и други лесни индустрии. Оттаму, инвеститорот ќе бара одобрување на овој нов урбанистички план од страна на општините Штип, Радовиш и Конче, потоа одобрување од Министерството за транспорт и врски, па пренамена на земјиштето во Министерството за земјоделство, се вели во реакцијата. 

Според ДОМ на овој начин се прави правен преседан и силна повреда на законот и се посочува дека според она што го видовме кај двата површински рудника Казандол и Иловица, ова веројатно ќе се „поткрепи“ со лажна студија за оценка на влијанието врз животната средина. Лажна студија, како што се вели во соопштението, зашто по увидот на претходните две, во неа се очекува во заклучокот да стои дека рудникот нема да има штетно влијание, иако целата студија ќе содржи докази за спротивен заклучок.