Македонија
30. July 2015 - 20:10

Дојран полн со туристи

Дојран повторно е како во  старите времиња. Рекордното ниво на водата во езерото, новите плажи,  големиот број други проекти  со кои значително се збогати понудата како и засилената промотивна кампања го наполнија градот со туристи.  Во последните неколку недели буквално се бара место повеќе како на плажите така и во сместувачките капацитети.  Бројките на туристичкото биро покажуваат дека преку неделата во просек градот дневно  го посетуваат по околу 10 000 туристи, а за време на викендите оваа бројка се зголемува за уште неколку илјади. За разлика од претходните години кога во овој туристички центар престојуваа само домашни туристи годинава може да се забележи дека повторно се враќаат традиционалните гости од бившите југословенски простори, а се поголем е бројот и на туристите од соседна Бугарија.

,, Бев пред едно седум години меѓутоа тогаш не беше вака, ова сега ми е прв пат да кажам во овој среден Дојран и многу ме бендиса. Навистина, средени плажите, услугите, сместувањето се ни ок.,, рече една од туристките

,, Самото  шеталиште премногу  ме бендиса. Никогаш не сум бил по тоа шеталиште, тоа е толку убаво направено, можеби има некаде околу три километри.,, вели друг турист

,, Јас сум од Бугарија, од Благоевград.  За прв пат доаѓам во Дојран и многу ми се допаѓа затоа пак ќе дојдам. Ми се допаѓа плажата, природата, езерото, дрвата, паркот, а многу ми се допаѓаат и луѓето.,, вели туристка од Бугарија

За големата посетеност на Дојран ова лето придонесе и богатата културно забавна програма  која содржи над 40 различни настани, нешто што во минатите години беше посочено како  главна забелешка од туристите. Минатата сезона во Дојран беше оценета како една од најуспешните во последните десет години со  реализирани 180 000 ноќевања. Проценките на локалната самоуправа велат дека  доколку ваквиот интерес за летување во овој туристички центар  продолжи и во текот на август бројот на ноќевања годинава ќе биде зголемен најмалку за околу 30 000.