Македонија
7. November 2017 - 13:50

Договорот за добрососедство со Македонија доставен на ратификација во бугарското Собрание

Владата на Бугарија денеска и формално го достави на ратификација во бугарското Народно собрание Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија што беше потпишан на 1 август во Скопје од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Босисов.

Како што се наведува во соопштението од прес-службата на бугарската Влада, ратификацијата на документот е израз на желбите на Бугарија да изгради добрососедски односи врз основа на европските вредности.

Договорот, се наведува, ќе даде видливи резултати во однос на проширувањето на транспортните врски и комуникации меѓу двете држави, учество и обезбедување средства за регионални инфраструктурни и прекугранични проекти, како и олеснување на комуникацијата меѓу луѓето на двете земји.

Договорот  за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија формално ќе стапи во сила кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. Со него се предвидува унапредување на севкупната соработка, а меѓу другото и формирање комисија за историско-образовни прашања на паритетна основа која треба да придонесе за објективно и засновано на докази научно толкување на историските настани поврзани со двете земји.

Бугарската вицепремиерка и министер за надворешни работи Екатерина Захариева, како што објави МИА, најави дека се очекува Договорот за добрососедство да биде ратификуван во Собранието на Бугарија до крајот на неделава.