Македонија
18. July 2017 - 19:03

Договорот со Бугарија стигна и во македонскиот парламент

Повеќе од 3 часа зад затворени врати премиерот Заев го презентираше нацртт-договорот за добрососедство со Бугарија пред пратениците.

На негово барање седницата на комисијата за надворешна политика беше затворена за јавноста, со образложение дека во оваа фаза договорот е класифициран и може да претрпи одредени измени.

Од седницата Заев излезе задоволен што за прв пат власта и опозицијата градат национален конензус за важни прашања и потенцираше зошто овој договор треба да биде потпишан.

 „Можам да потенцирам дека нема дилеми дека се работи за две држави и за два народи. На овој начин отвораме перспектива на градење добри односи со соседите и стануваме пример за соработка во регионот. Ретки се овие случаи на договор помеѓу две држави кои се договараат сами, а притоа да не одлучуваат политички ‘тешкаши’“, рече Заев.

Од ВМРО-ПДМНЕ пак презентираа 5 сериозни забелешки во кои делови договорот може да биде подобрен во интерес на Македонија. Доколку овие препораки бидат вградени во договорот, тој ќе биде поддржан и од опозицијата. Наместо да брза да го потпише Владата треба да усогласи квалитетет текст во кој ќе ги заштити националните интереси.

Дали македонскиот народ ќе биде споменат во договорот? Ако е тоа договор на добра волја, тогаш би требало македонскиот народ да биде споменат и да стои во договорот. Дали македонскиот јазик ќе биде споменат во договорот? Со тоа се става посебност на јазикот како различен од бугарскиот. Дали премиерот Заев е подготвен да го потпише договорот со кој се обврзува да се грижи за Македонците надвор од државата? Јасно разграничување на делот на заедничката и делот на посебноста на историите меѓу двете држави. Забележана е асиметрија на права и обврски во договорот. Повеќе права има за бугарската страна, а повеќе ограничувања за Македонија. Договорот треба да биде со симетрични придобивки за сите страни, изјави Милошоски.

Македонија и Бугарија се уште преговараат и околу датум кога договорот ќе биде потпишан, иако Заев очекува тоа да се случи на 1 август. Договорот за добрососедство ќе стане полноважен откако ќе биде ратификуван и во бугарското и во македонското Собрание.