Македонија
12. March 2017 - 19:24

Додевски: Незаконска е мерката притвор за Кочан

Предметот за првоосомничениот во случајот „Труст“ Сеад Кочан веднаш да биде доставен на одлучување до Апелацискиот суд - Скопје зашто рокот за донесување одлука истекува денеска во 17 часот и 20 минути, побара адвокатот Никола Додевски.  

Според Додевски, во 17:21 решението за определување мерка притвор, нема да произведува правно дејство.

Адвокатот на Кочан смета дека Судот незаконски, пред правосилноста на решението за притвор, издал наредби за притворање и за издавање потерници.

- Тоа претставува флагрантно прекршување на принципот на владеењето на правото, наведува попладнево Додевски.

Тој денеска доставил писмена ургенција до Основниот суд - Скопје 1 - Скопје за претседателката на Кривичниот совет Гордана Спиреска во која уште еднаш укажал на околноста дека преклузивниот рок од 48 часа во кои Апелацискиот суд мора да донесе одлука по жалбата, истекува во 17:20 и оти со тоа што предметот не го доставува Кривичниот совет, го оневозможува тоа одлучување.

- Укажано е на околноста дека повредата на Законот со недоставување на предметот е уште подрастична зашто Советот на решението му дал извршно дејство без законска основа. Побарано е предметот веднаш да биде доставен на одлучување од Апелацискиот суд, информира Додевски.

Воедно објаснува дека Кривичниот совет на Основниот суд - Скопје 1 сторил груба незаконитост и без законска основа навел дека жалбата не го задржува извршувањето на решението за определување мерка притвор.

- Врз основа на таква незаконитост, Првостепениот суд издал наредби за притвор и за издавање потерници на осомничениот Сеад Кочан уште пред решението да стане правосилно. Со тоа, го елиминирал задолжителното суспензивно дејство на жалбата предвидена во член 442 од ЗКП според кој: „Жалбата го задржува извршувањето на решението, освен ако тоа не е поинаку определено со овој Закон“. За решение со кое Кривичниот совет на Првостепениот суд определува мерка противор, не е поинаку определно со закон, туку во законот воопшто не е предвидено дека жалбата не го задржува извршувањето на решението со кое Кривичниот совет определил мерка притвор, стои во соопштението.

Додевски наведува дека кога притвор одредува Кривичниот совет и жалба се поднесува до Апелацискиот суд, Законот не предвидува дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, туку напротив, како што потенцира, согласно член 442 од ЗКП, жалбата го задржува извршувањето.

Кривичниот совет, според адвокатот, излегол надвор од законските овластувања и му дал извршност на решението пред неговата правосилност и незаконски му наложил на МВР да го лиши од слобода осомничениот Кочан. 

Додевски смета дека веќе има последици од, според него, незаконското постапување на Советот. Како што посочува, се уништува личниот и деловниот углед на осомничениот, незаконски се гони и притвора сопственикот на медиумот ТВ Нова.