Македонија
4. July 2017 - 14:50

Доделени сертификати за завршен бесплатен курс по руски јазик

Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска им додели сертификати на курсистите кои го положија завршниот испит во вториот турнус од бесплатниот курс за изучување руски јазик, во кој беа обучени 600 кандидати на основно, средно и на напредно ниво. Слушателите на курсевите имаа можност да добијат знаења од домашни, но и од руски предавачи. 

Директорот на Рускиот центар и почесен конзул на Руската Федерација во Македонија  Велимир Стојковски истакна дека на конкурсот што бил распишан во септември минатата година за оваа програма биле пријавени 980 кандидати од сите возрасти. Рече дека големиот одѕив ги загрижил како ќе ја организираат програмата, но дека успеале поради големата желба, ентузијазам и волонтерска помош на нивните професори по руски јазик. 

- Јазикот за чие познавање денес добивате сертификат несомнено е еден од најзначајните и најраспространетите во светот. Денес во светот 170 милиони луѓе зборуваат руски јазик, околу 350 милиони одлично го разбираат, а надвор од Русија живеат повеќе од 30 милиони на кои рускиот им е мајчин јазик, им порача Стојковски на втората група курсисти со положен завршен испит.

Рускиот амбаадор во Македонија Олег Николаевич Шчербак истакна дека е задоволен од големиот интерес за изучување на рускиот јазик во Македонија, но и во светот, посочувајќи дека рускиот не само што е јазик на светска култура, литература и музика, туку е и јазик на најнапредни технологии меѓу кои се и вселенските истражувања и интернетот.

- Рускиот јазик е јазик на иднината. Бесплатните курсеви во Рускиот центар се уникатна можност за сите кои сакаат да допрат до духовното богатство и милениумската култура на Русија, да добијат важна конкурентна предност која секогаш ќе им биде корисна од професионален аспект, рече Шчербак, додавајќи дека посветеноста на УКИМ кон културата на други земји е гаранција за натамошно успешно зацврстување на неговиот меѓународен углед. - Многу високо ги цениме вашето однесување кон Русија и рускиот јазик и би сакал да ве убедам дека од своја страна Руската амбасада ќе даде се од себе за да продолжи со поддршка на курсевите по руски јазик во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, нагласи рускиот амбасадор. 

Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски во обраќањето зборуваше за успешната активност на Рускиот центар при УКИМ од неговото основање во јануари 2016 година. 

-  Како четврти центар при УКИМ (покрај Турскиот, Италијанскиот и Кинескиот), Рускиот центар за една и пол година од формирањето покажа исклучително голема активност, а за курсевите што ги организира има голем интерес особено од млади луѓе. Тие беа поделени во турнуси и на тој начин се овозможи сите етапно да бидат прифатени и никој да не биде одбиен, рече Јанкуловски. 

Сертификатите за завршен испит на курсистите од првиот турнус им беа доделени во февруари.