Свет
13. December 2017 - 21:30

Доделена Француско-германската награда за човекови права

 Амбасадорите на Франција и на Германија Кристијан Тимоние и Томас Герберих и премиерот Зоран Заев вечерва во француската резиденција му ја врачија годишната Француско-германска награда за човекови права на претседателот на здружението „ЛГБТ Јунајтед Тетово - Македонија“ Беким Асани.

Премиерот Заев истакна дека определбите на Владата се да стои зад секој граѓанин, да ги штити и да создава услови за безрезервна заштита на неговите права.

- Денеска наградата оди кај Беким Асани, утре ќе оди кај друг активист, борец за човекови права. Важно е името на човекот затоа што е пример што мотивира врвна вредност како што е определбата за почитување на човековите права, но уште поважна е свеста за важноста на оваа доблесна, совесна и морална човекова карактеристика која не прозива сите како политичари, носители на јавни функции, граѓански активисти, луѓе да се бориме и избориме за почитување на човековите права, рече Заев. 

Германскиот амбасадор Герберих истакна дека наградата за човекови права во 2017 година се доделува вторпат на поборници за човекови права од целиот свет, кои во своите земји на посебен начин се заложиле за човековите права и владеење на правото. Медалот кој му се доделува на Асани е изработен од уметничката Ана Марта Нап и претставува симбол за силната заложба за одбрана на човековите права. 

- Беким Асани се заложи за правата на малцинствата, беше против хомофобијата, се залагаше за правата на жените и за меѓуетничкиот дијалог во Македонија. Поради својот ангажман тој постојано беше изложен на закани и обиди за заплашување, но сепак не дозволи да биде уплашен. Од тие причини ја изразуваме нашата благодарност нашето признание, рече Герберих.

Францускиот амбасадор Тимоние истакна дека Асани ја почна својата борба против секаков вид дискриминација уште по конфликтот во 2001 година.

- Основаше мултиетничко училиште, работел и на инклузијата на ромското население, но неговата основна битка беше особено насочена кон една заедница која што е многу тешко прифатена во Македонија, а уште потешко прифатена надвор од Скопје. Во Македонија воопшто не е лесно да се биде млад, но уште помалку лесно е да бидете млад и дел од ЛГБТ заедницата, рече Тимоние.

Тој искажа посебна почит кон мајката на Беким Асани за целокупната храброст и сила која ја поседува, а упати благодарност и до премиерот Заев како прва политичка личност која искажа поддршка кон фундаменталните права вклучувајќи, ги и правата на ЛГБТ Заедницата. 

Асани, заблагодарувајќи се за укажаната чест  во својот кус говор, истакна дека не е важно кои сме и какви сме, кого сакаме и кој не сака. - Сите заслужуваме да бидеме почитувани бидејќи човековите права се универзални, потенцира Асани.

Наградата, воспоставена во 2016 година од страна на претседателите на Германија и на Франција, се доделува секоја година на 15 лица ширум светот за нивната посветеност кон почитување и унапредување на човековите права. Наградата потсетува на важноста да се почитуваат луѓето што се поинакви, а борбата против дискриминацијата врз основа на сексуалната ориентација е дел од европските вредности и претставува критериум за европска интеграција.