Македонија
16. November 2017 - 22:16

До крајот на годината ќе се решава проблемот со недостиг на кадар во брзата помош

Проблемот со недостиг на кадар во скопската брза помош ќе се решава со итни вработувања до крајот на годинава најавија од здравствен дом скопје. Инаку службата подолго време функционира со 10 тимови во смена кои покриваат територија од над 700.000 жители. се соочуваат и со проблеми со амбулантните возила кои се дотраени.

Алармантната состојба со недостиг на лекари и медицински сестри во Скопската брза помош ќе се решава со итни вработувања до крајот на годинава. Од Здравствен дом Скопје под чија надлежност е службата 194 велат дека ако добијат согласност од надлежните министерства биле подготвени неколку месеци сами да ги покријат платите на нововработениот кадар и да не го чекаат буџетот од Фондот за здравство за наредната година. Итната помош во главниот град подолго време функционира со преполовен капацитет. 10 тимови од доктор, сестра и возач во една смена покриваат територија од над 700.000 жители.

-Имаме потреба од 35 нови тимови. За нормално функционирање потребни се барем 15 тимови во смена, изјави за Сител д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје.

Покрај недостигот на кадар во Брзата помош имаат проблем и со амбулантните возила кои веќе се дотраени.