Лавров: Сиријците треба сами да ја решат иднината на Асад по преговорите меѓу власта и опозицијата
Сиријците треба сами да ја решат иднината на претседателот Башар ал Асад по преговори меѓу власта и опозицијата, изјави денеска во Москва шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
- Сириското раководство е речиси подготвено за широк национален дијалог без претходни услови. Не е задача на светската заедница да се обидува да ги реши предвреме резултатите од меѓусирискиот дијалог, рече Лавров по средбата со пакистанската министерка за надворешни работи Хина Рабани Хар во Москва.
- Неопходно е и Владата во Сирија, и сите опозициски сили да седнат на преговарачка маса. Башар ал Асад го ополномошил поптпретседателот Фраук аш Шара да води таков дијалог, изјави Лавров кој вчера во Дамаск разговараше со сирискиот лидер.
- Ги повикуваме оние, кои имаат влијание врз опозициските групи, да дадат согласност за национален дијалог, како што ние го поттикнуваме Дамаск, додаде тој.
Шефот на руската дипломатија не одговори на прашањето дали со Асад го разгледувал неговото евентуално повлекување од власта.
- Секој исход од националниот дијалог треба да биде резултат од договорот меѓу самите Сиријци, прифатлив за сите Сиријци, додаде рускиот министер за надворешни работи.
Свет
|




















