Пронајдените делови од трупот недоволни за ДНК анализа
08.02.2010 - 18:59 |
Остатоците од детското тело, кои минатата недела беа земени како примерок за утврдување на идентитетот не биле доволни. Докторите од судска медицина сега ќе мора да ја повторат постапката.
Ќе бараат начин да дојдат до подобар примерок, преку кој би се извршила сигурна ДНК анализа. Остатоците кои ловџиите ги пронајдоа во Самовилец, биле премногу оштетени. Од малкуте косички пронајдени на местото, не можело да се извлече доволно материјал.
Поради долгиот период, во кој остатоците под отворено небо, поминале и низ снегови, дождови и сонце, бил забрзан процесот на распаѓање. Освен калциум од коските не можело да се извади ништо друго.
Забите кои беа пронајдени на горниот дел од вилицата на черепот биле млечни. И тие нема да помогнат во утврдувањето на идентитетот. Докторите на судска ќе го проверуваат и составот на земјата која била на тренерките пронајдени во близина на остатоците, со составот на земјата кај црквата во Дуње, каде завршуваше потрагата по Ангела од кучињата трагачи.
Земјата од тренерките ќе биде споредена и со онаа каде што минатата недела беа пронајдени коските. Дополнителни десет дена, но можеби и повеќе, ќе бидат потребни за да ДНК анализата биде сигурна. И за истрагата клучен детал е идентитетот на лицето чии коски беа пронајдени на Самовилец.
- Ние ги очекуваме резултатите од ДНК анализата. Без оглед какви ќе бидат резултатите, тие сериозно ќе бидат разгледани и се надевам дека ќе дадат некоја нова насока доколку се потврдат со идентитетот на некои лица по кои веќе има активни потраги - вели Гордана Јанкуловска, министер за внатрешни работи.
Полициската истрага ќе продолжи тогаш кога ќе се знае чиј остатоци завршиле на Самовилец. Тие ќе треба да утврдат како се нашле таму и зошто до сега никој не ги забележал.
Иван Кузмановски
Македонија
|


















Коментирај