Голем одрон на земја и камења синоќа по 20 часот се случи во непосредна близина на селото Коњско кај Охрид, а дел од земјишната маса заврши на коловозот на патниот правец Охрид – Свети Наум, веднаш над хотелите „Метропол“ и „Белви“.
Притоа се одронаа повеќе од илјада метри кубни земјиште, камења и песок.
На механизираните екипи им беа потребни повеќе од три часа за да го расчистат коловозот, кој во времето на акцијата се одвиваше со прекини, а се работеше и на отстранување на остатоците од одронот над патот. Од полноќ сообраќајот е целосно нормализиран.
На истото место одрон имаше и на 22 февруари. Проценка е дека свлечиштето на таа локација е последица на преголемата влажност на земјата и температурните промени проследени со обилните врнежи од дожд и снег што го зафатија регионот.