Пчиња поплави 4.000 хектари обработливо земјиште во североисточниот регион
16.05.2010 - 19:36 |
Со излевањето на реката Пчиња од коритото биле зафатени 4.000 хетари обработливо земјиште. Помали штети се регистрирани и во реонот на Крива Паланка и Кратово.
Поплавените подрачја во Кумановско, Кратовско и Кривопаланечко денеска ги посети министерот за одбрана Зоран Коњановски кој изјави дека ќе ги искоординира градоначалниците од сите поплавени региони и ќе се договорат мерките за санирање на последиците од поплавите.
- Од жителите слушнавме дека вакво невреме немало во последните 30 години. Ние како Влада не можеме да ги контролираме временските услови, но можеме да изнајдеме сили да помогнеме на градоначалниците што е можно побрзо да излезат од една ваква ситуација. Нема да ги препуштиме жителите само на себе. Во текот на денешниот ден ќе ги нотираме сите направени штети и во вторник ќе ги изложиме пред седница на Владата. Ќе ги поврземе градоначалниците со надлежните министерства и институции што побрзо да се санираат последиците од елементарната непогода, рече Коњановски при посетата на Ранковце.
Во паника и страв биле и гостите во кафеанчињата близу бањата Стрновац, додека чекале да пристигне помошта. Четири лица биле извлечени со хеликоптер на МВР утрово во осум часот поради надојдената вода до два метра.
- За брзо време бевме под вода длабока околу еден и пол до два метра. Прво што направивме беше по телефон да јавиме за помош, изјави Олгица Димитриевска, сопственичка на кафеана во бањскиот комплекс.
Градоначалникот на Старо Нагоричане Миодраг Јовановиќ беше на терен со своите сожители и истакна дека ќе бидат преземеи сите мерки за излез од кризната ситуација.
- Треба да се направи проект со кој ќе се санира коритото на реката Пчиња, за во иднина не се случуваат вакви појави. За среќа поминавме само со штета, без жртви, речеЈовановиќ.
Матерјална штета од излевањето на Пчиња има и во комлексот на Меморијалниот центар на АСНОМ, каде што со цистерни денеска се црпеше водата од поплавата. Отсечени се и две села во Општина Старо Нагоричане, Пелинце и Враготурце. Под вода денеска беа и кумановските села Клечовце, Шупли Камен, Студена Бара, Пчиња. Штетите допрва ќе се утврдуваат.
Лицата кои останаа отсечени поради излевањето се надвор од животна опасност
Осумте лица кои во четири објекти останаа отсечени при излевање на реката Пчиња во Кумановско во мометов се надвор од животна опасност, изјави Шабан Салиу, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
ДЗС во соработка со Министерството за внатрешни работи утрово интервенираше во Кумановско.
- Во поглед на поплавите во Ранковце, би сакал да истакнам дека од невремето урнати се два моста, но имаме проблем и со електричната енергија. Преземаме соодветни активности, а утре ќе испратиме градежна механизација да ги исчисти наносите на патиштата. Сепак, ќе се обидеме во најкраток рок да извршиме санација на паднатите мостови, рече Салиу во изјава за медиумите по предавањето противпожарни возила на општини во Македонија.
Поврзани вести
Македонија
|
























Коментирај