Полицијата денеска известува дека две маскирани лица вооружени со пиштол вчера околу 20,35 часот влегле во продавницата “Кико“ на улицата Бел Камен и и’ наредиле на продавачката П.В. да им ги даде парите од касата.
Но, жената не се предала така лесно, наместо исплашено да го предаде прометот, таа им се спротивставила на арамиите. Жената го фатила пиштолот и се обидела да му го истргне од раце на разбојникот, на големо изненадување на жената оружјето се скршило, бидејќи пиштолот бил пластичен а не вистински.
Продавачката почнала силно да вика за помош, а разбојниците во страв да не бидат фатени побегнале од продавницата. Храброста и присебноста ја спасиле продавачката да стане жртва на разбојниците. Таа својата работа ја завршила, сега на ред е полицијата, која е во потрага по разбојниците кои со играчки се обидуваат да ограбуваат.
\Netpress