Груевски: Не сакаме никому да му одземеме, не сакаме ни да ни одземат
Ако Илинден 1903 беше Илинден на македонскиот непокор, ако Илинден 1944 беше Илинден на македонската истрајност и сплотување, Илинден 2010 година е Илинден на македонската битка за успех, за економски развој за подобар и подостоинствен живот на сите граѓани, за Македонија како дел од европското семејство на народите.
На тој пат кон заслуженото место во европското семејство, ние мора да влеземе гордо и достоинствено.
Тоа го порача премиерот Никола Груевски во обраќањето на народниот собир на Мечкин Камен во Крушево по повод државниот празник 2 Август. Според него, оваа битка може да се добие само обединети и со надминати разлики, со висок морал и силен патриотизам и со здрави вредности.
Тој посочи дека на ова поле во изминатиот период постигнавме значајни резултати, како исполнувањето на критериумите за членство во НАТО, и препораката добиена од ЕК за почеток на преговори со ЕУ, укажувајќи дека пред неколку дена земјата доби потврда оти стигна на ниво на развој со кое може да ги започне финалните преговори со Унијата за полноправно членство.
- На тој наш пат кон заслуженото место во европското семејство на народите, ние мора да влеземе гордо и достоинствено, за да може да бидеме од корист и да дадеме дополнителна вредност на ЕУ. Тоа значи дека за никого, ни за нас, ниту за нашите почитувани соседи, ниту пак за Европа не е добро да влеземе со низок морал, девалвиран статус и повредени чувства, или како што некои знаат да кажат со свиткана кичма. Рационално, хумано, човечки и културолошки исправно е да седнеме на масата со нашите пријатели како Македонци, смета Груевски.
За жал, вели, иако кога ја добивме независноста верувавме дека борбата на генерациите кои доаѓаат е само напредокот, образованието, натамошното градење на етничкиот и верски соживот, на овој пат за членството во НАТО и ЕУ, соочени сме со суровата реалност дека и денес во 21 век, се уште сме принудени да ја довршуваме борбата за нашиот идентитет, јазик, име, националност и самоопределување.
Тој истакна дека македонското прашање се уште не е докрај затворено, барем не во мислите на одредени поединци кои имаат моќ да блокираат и уценуваат и оти мора да останеме претпазливи на тој план. - Но, додава Груевски, и таа принуденост наметната однадвор од еден наш сосед, принуденост да мораме да се занимаваме со предизвици за кои верувавме дека одамна се надминати, нема да не оттргнат од нашите стратешки приоритети за членството во ЕУ, НАТО, ниту од активностите за севкупната модернизација која ние треба да ја направиме, за нашите граѓани, нашиот народ да имаат подобар, посигурен, побогат и поквалитетен живот, рече премиерот Груевски ветувајќи дека со несмалено темпо продолжува борбата за стратешките цели.
- Ние ги почитуваме сите наши соседи и сакаме со сите да соработуваме, како што и го правиме тоа. Не сакаме никому ништо да му одземеме, ниту територија, ниту култура, ниту историја, ниту ништо што е туѓо. Но, не сакаме ниту нам да ни го одземаат она што е наше. Ние сме толерантен и мирољубив народ, и јас верувам дека во тој дух ќе најдеме решенија за проблемите, подвлече Груевски.
Продолжуваме, вели тој, со инвестициите во образованието и во знаењето како основен двигател на едно општество, во земјоделството, во изградбата на спортски сали, фудбалски и тениски игралишта убедени дека спортот има битно влијание во градењето на здравиот систем на вредности, продолжуваме да градиме нови објекти, патишта, мостови, нови музеи, водоводни и канализациски мрежи, да инвестираме во нова опрема во здравствените установи и во реконструкција на здравствените објекти низ целата држава. Само со многу труд, енергија, постојан ангажман и жестока посветеност на работата по примерот на илинденците, кои останаа до крај верни на делото, така и денешните генерации имаат обврска за деноноќно лично вложување, смета премиерот
- Кој не е во можност да го следи темпото на реформи корисни за народот и модернизацијата на земјата, треба чесно да остапи, да се повлече, и никој нема да му замери за тоа, бидејки тоа е многу почесно отколку забушанството и блеферството. И тука, на тој план нема да има остапки ниту компромиси, посочи Груевски.
Тој повика и на обединување, на единство и отворање нова современа страница во политичкото делување. - Да се обидеме да работиме заедно сплотени зад платформата на стабилна, независна и демократска Република Македонија, со развиена пазарна економија, држава во која владее правото, добар и почитуван сосед и сојузник. Политичките разлики и потешкотии ќе постојат секогаш, како и во сите други демократии. Но, во важни моменти и во функција на остварување на суштинските државни и граѓански интереси треба да најдеме сили за надминување на политичките разлики, рече шефот на Владата.
Според него, дојден е моментот кога треба да ја валоризираме вечната борба за подобро утре и да обезбедиме иднина, во која секој еден од нас ќе се чувствува посреќен, подостоинствен и исполнет, оти вели, „ние сме луѓе кои знаат да сонуваат, кои се борат и кои веруваат во себе, и во Македонија“.
- Ние имаме обврска пред моштите на илинденците и илинденската крв со која е натопена земјата на која се наоѓаме да создадеме услови за општ просперитет. Нам ни треба сеопшт мобилизаторски повик. Мора да направиме востание за интелектуален, вредносен и морален напредок. Промените се природна и неопходна работа. Секој атом од нашите сили мора да го вложиме во интерес на општото добро, во интерес на развојот на секој поединец на нашата земја. Тоа е нашата денешна битка, тоа е борбата на оваа генерација, која мора да биде добиена, порача премиерот Груевски.
Тоа е, вели, завештанието кон Илинден, кое е наша неодложна обврска кон генерациите кои доаѓаат, и на кои мора да им оставиме високо ниво на изграден систем, кој ќе им овозможи дополнително да се надградуваат себеси и државата и да создаваат нова вредност.
Во владината делегација на централното чествување во Крушево по повод 107 години од Илинденското востание и 66 години од заседанието на АСНОМ, присуствуваа и министрите за правда, за животна средина и просторно планирање и за информатичко општество, Михајло Маневски, Неџати Јакупи и Иво Ивановски.
Делегацијата положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен.
Поврзани вести
Македонија
|























Sekoja cest
Sto da se kaze na ova. Sekoja cest. Beavo. Vistnisnki Premier. Covek Makedonec pred se. Bravo . Bravo.
Коментирај