Собранието го донесе Законот за репрограмирање на долговите на јавните претпријатија
Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 90. седница со 67 гласа „за“ и четири „против“ го донесе Предлог законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од државата, општините или Град Скопје, по скратена постапка.
Со Законот, што на иницијатива на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) го предоложија координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на ДУИ, се овозможува наплата на долговите на јавните претпријатија и трговските друштва основани од државата, општините и Град Скопје по основ на ДДВ, персонален данок и данок на добивка, на 120 месечни рати, со грејс-период од три години. Ним ќе им бидат отпишани каматите доколку редовно ги отплаќаат долгот и тековните обврски.
Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, во име на предлагачите, оцени дека предложениот закон ќе овозможи серивисирање на наплатата на даночните долгови, ќе го подигне степенот на даночната дисциплина и ќе овозможи нормално работење на голем број јавни претпријатија.
- Состојбата со напластените долгови е особено изразена кај комуналните претпријатија, а со оваа мерка ќе се одблокираат сметките на многу од нив, при што државата ќе ја исправи грешката со зголемувањето во 2003 година на ДДВ од 5 на 18 отсто, а потоа повторно враќање на 5 отсто, истакна Бонева.
Лилјана Поповска од ДОМ оцени дека законот е рационално решение за проблемите на јавните претпријатија, кои, како што наведе, наместо да бидат блокирани ќе продолжат да функционираат и да ги сервисираат граѓаните.
Поповска воедно побара во иднина да биде предложен сличен закон и за приватните фирми, односно и ним да им се овозможи да ги плаќаат на рати долговите кои им заостанале поради светската економска криза.
За Јован Мансијевски од ЛДП предложениот закон е лош, нереформски и неуставен.
- Изненаден сум што е постигнат надпартиски консензус за закон кој е антиреформски и ќе ја зголеми корупцијата во јавниот сектор. Фискалните импликации за законот кои очигледно се огромни се сокриени и не се претставени во законот затоа што ниту предлагачот, ниту Министерството за финансии не дадоа одговор за колкав долг се работи, рече Манасијевски, истакнувајќи дека со законот се ставаат во крајно нерамноправна положба приватните фирми.
Тој ги повика пратениците од СДСМ да ја повлечат поддршката на законот, бидејќи, како што оцени, ја даваат заради мали интереси на нивни кадри во неколку општини, наспроти многуте општини под раководство на владејачките партии.
Реплицирајќи, Томе Чингоски од СДСМ рече дека е дадената поддршка е поради тоа што законот е прва конкретна антикризна мерка од Владата и укажа дека такво решение треба да се понуди и во реалниот сектор.
Според Миле Андонов од СДСМ, пратениците покрај поддршка на јавниот сектор треба да донесат конкретни мерки за помош и на приватниот сектор. Мора да најдеме можност да ги сопреме глобите кон приватниот сектор, каде фирмите за само ден доцнење со плаќање на давачките добиваат казни од по 5.000 евра, рече Андонов.
Неговиот сопартиец Владо Бучковски побара законот да биде повлечен до објавување на завршните сметки на јавните претпријатија за да се види точниот износ на нивните долгови и на локалните самоуправи.
- Ако овие претпријатија заглавија илјадници приватни компании на кои им се блокирани сметките, зошто тогаш да ги привилегираме, праша Бучковски, оценувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ со законот подметнува кукавичко јајце на СДСМ и на ДУИ, со цел да ги заштити државните монополски претпријатија.
По гласањето за законот беше исцрпен дневниот ред на 90. седница, по што Собранието почна со работа по 92. седница со расправа по Предлог-одлуката за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој - Светската банка по Договорот за заем за Првиот заем за развојна политика - ДПЛ 1, во прво читање.
Со предлог одлуката државата се задолжува со 20,5 милиони евра за буџетска поддршка.
Според предлагачот - Министертвото за финансии, парите од заемот ќе бидат искористени за подобрување на извршувањата на јавните расходи, зајакнување на социјалната помош и одржување на стабилноста во финансискиот сектор. Заемот е одобрен од Бордот на директори, како резултат на исполнувањето на повеќе услови меѓу кои одржување буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП, имплементирање на првата фаза од даночната реформа на платите преку намалување на придонесите за социјално осигурување од 32,5 проценти од бруто-платата во 2008 година на 28,4 проценти во 2009, усвојување на Нацрт-измените на Законот за здравствено осигурување со цел воспоставување трезорска функција во јавниот здравствен сектор во рамки на ФЗОМ и за замрзнување на платите на администрацијата за цела 2009.
Заемот треба да биде повлечен во една транша на почетокот од годинава. Рокот на отплата е 25 години со грејс-период од осум години и либор за евро валута каматна стапка со варијабилен распон.
Марјанчо Николов од СДСМ оцени дека задолжувањето е непотребно и оти со него се финансираат неиздржани владини проекти. - Ќе поддржиме задолжувања кои се во насока на инфраструктурни и енергетски објекти кои ќе придонесат за економскиот развој, но не и вакви проекти со кои сакате да ги трошите парите на граѓаните за скапи реклами и спотови кои не даваат никави ефекти, рече Николов.
Расправата ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.
Бизнис
|

















