Енергетиката останува најинтересен сектор, но и натаму без инвестиции
17.03.2010 - 21:36 |
Во енергетскиот бизнис во Македонија годишно се вртат околу 1,2 милијарди евра, а државата со 200 до 300 милиони евра може да започне инвестициски циклус од 4-5 милијарди евра за изградба на енергетски капацитети по принципот на јавно-приватно партнерство.
Ова е главниот заклучок од денешната тркалезна маса на тема „Реализација на енергетската политика - бариери и можности“, организирана од Советот за глобална соработка.
На трибината беше нагласено дека со години не е изграден нов енергетски капацитет во Македонија, а најавуваните проекти не се реализираат, поради што престедателот на Советот за глобална соработка Трифун Костовски посочи дека треба да се побара и политичка одговорност.
- Ако се има добри енергетски проекти не е проблем да се најдат инвеститори дури и од надвор, бидејќи енергетиката е доходовна и секоја инвестиција во неа е исплатлива на подолг рок, но политиката е длабоко навлезена во неа, рече Костовски.
Тој посочи дека Македонија треба повеќе да се фокусира на регионалната соработка во областа на енергетиката и на регионалните енергетски инвестиции.
Академик Глигор Каневче, одговoрниот во МАНУ за изработувањето на стратегиите за енергетика и за производство на енергија од обновливи извори на енергија, рече дека Законот за енергетика претставува добра основа за развивање на енергетиката во Македонија, но додаде дека треба постојано треба да се надоградува. Според него, Македонија има слаба економска моќ за инвестиции во енергетскиот сектор.
- Македонија има застарени капацитети за производство на електрична енергија и ниска енергетска ефикасност во производството, преносот, дистрибуцијата и сите сектори на потрошувачка на енергијата. Покрај тоа, потрошувачката на електричната енергија во домаќинствата е двојно повисока од развиените земји. Затоа е неопходно да се изработи план за реализација на Стратегијата за енергетика, заострување на мерките за заштеда на енергија, доизградба на гасоводот и воведување на гасот во домаќинствата, поврзување со 400 киловолтни далноводи со соседните земји, изградба на нова железничка пруга од Табановце до Гевгелија, рече академик Каневче.
Професор Константин Димитров истакна дека Македонија треба многу да направи во подобрувањето на енергетската ефикасност на сите објекти како во производството, така и во потрошувачката на енетргија. Со инвестиција од 400 милиони евра за воведување енергетска ефикасност, како што истакна, државата може да заштеди 510 милиони евра на енергија.
- За Македонија воведувањето енергетска ефикасност е економски, но и еколошки оправдан ресурс. Македонија има големи можности и со подобрување на енергетската ефикасност до 2020 година може да заштеди 2.700 гигават часа електрична енергија што е двојно повеќе од производството на РЕК Битола, рече професор Димитров.
Поранешниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Славе Ивановски рече дека и покрај добрата законска регулатива и финансиската независност РКЕ трпи одредени влијанија.
Професорот Рубин Талески нагласи дека во Македонија има добра регулатива во секторот за електрична енергија и оти важат, како што рече, скоро пазарни услови, но додаде дека е лошо што за целосна либерализација на пазарот прво треба цените на електричната енергија да пораснат за потоа да почнат да паѓаат.
Директорот на Топлификација Димитар Хаџи Мишев рече дека светот во моментов се фокусира на намалувањето на влијанијата на енергетиката врз животната средина и додаде дека во наредните 40 години ќе биде неопходно да се вложат 2.000 милијарди долари за да се решат еколошките проблеми.
- Заради тоа Македонија треба да се фокусира на нуклеарната енергија и на термопостројки кои работат на природен гас и на течен нафтен гас, рече Хаџи Мишев.
Тој истакна дека моменталната состојба со енергетиката во Македонија се должи на лошата проценка во 1991 година кога беше одлучено киловат час електрична енергија производена од тогашното ЕСМ да чини 0,9 евро центи поради што, како што рече, од ЕСМ годишна се испумпуваа по 250 милиони долари од потрошувачите.
Хаџи Мишев нагласи дека потенцијалните инвеститори во енергетскиот сектор се соочуваат со многу проблеми.
- Македонските закони од областа на енергетиката се нетестирани поради што инвеститорите се соочуваат со многу проблеми за да се реализира инвестицијата особено во енергетскиот сектор каде е проблем да се добијат лиценци за производство на електрична енергија и да се приклучат на постојната преносна мрежа, рече Хаџи Мишев.
Беше препорачано Македонија да се фокусира на термопостројките кои работат на природен гас или јаглен и на нуклеарната енергија за сметка на големите хидроцентрали, кои се основа за постигнувањето на саканиот процент од 21 отсто од вкупно произведената енергија до 2020 година во Макдонија да се постигне од обновливи извори на енергија што е зацртано во Стратегијата за енергетика. За големите хидроцентрали беше истакнато дека нивната изградба е многу скапа, а и произведената електрична енергија од нив е пет пати поскапа од онаа во термо или нуклеарните постројки.
Бизнис
|


















Navistina ima golem prostor
Navistina ima golem prostor za investicii kako vo proizvodstvo taka i vo energetski efikasni aparat za siroka upotreba
Коментирај