Македонија
16. August 2017 - 17:12

ДКСК: Нема основ за разрешување за време на избори - Собранието продолжува со дебата за Зврлевски

Антикорупциската комисија одговори на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали Собранието може да го разреши јавниот обивнител Зврлевски имајќи пред вид дека се распишани избори, а Изборниот законик има ограничувања за вработување и именувања во овој период. Точната содржина на мислењето е непозната бидејќи не ја откриваат ниту антикорупционерите, ниту од Собранието, ниту пак, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Но, од антикорупциска нагласуваат дека одлуката е во контекст на претходно донесените мислења дека не се законски вработувањата и смените во предизборието.

Антикорупциската комисија вели:

„Членовите на Комисијата оваа одлука ја донесоа едногласно, врз база на претходни одлуки на барање на органи, граѓани и институции, кои се oбраќале и барале мислење за разрешувања на функционери во предизборен период. Официјално нема да ги објавиме одлуката и образложението, додека не добиеме повратен одговор дека Собранието ги добило“.

Според нашите информации се работело за одговор напишан на една страница, испратен до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку Собрнаието и Талат Џафери. Од кај Џафери немаат одговор дали е стигнат ваков одговор и дали им е доставен на опозициските пратеници. Од друга страна пак, Антикорупциската комисија вчера го објави општото циркуларно писмо до сите институции и државни органи за забрана за вработувања, смени, тендери и исплати по распишување на изборите, но таму изречно не е наведен парламентот.

Независно од мислењето на Антокорциска, Џафери пак, веќе се изјасни дека за работата на парламентот нема да се води од мислењето на Комисијата и смета дека ограничувањата во Изборниот законик не се однесуваат на Собранието

Собранието денеска работеше со исто темпо на еден говорник со по 30-тина реплики и контрареплики. Како што објавивме, вчера на координација Џафери соопштил за својата намера Собранието да прекине со работа в петок, а да продлжи на 29-ти август.