Македонија
17. November 2017 - 15:17

„Дизајн за социјална инклузија“ дебата како на дизајнот да му се даде и хумана димензија

Светски пракси за тоа како може дизајнот да поттикнува промени и решенија кои ќе значат олеснување на животот на луѓето со попреченост, беа споделени денеска на панел дискусијата „Дизајн за социјална инклузија”, организирана во рамки на „Скопје постер фестивал“.  

- Еден обичен постер, може да промени нечија свест. Може да афирмира вредности и заложби, да предупреди, да превенира, да влијае на став или само да не информира. Тоа е моќта на дизајнот, а дигиталното време во кое живееме драстично ги помести границите на таа моќ, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска обраќајќи се на дискусијата.

Да се дизајнира за социјална инклузија, рече, значи да се прават напори за креирање одржлив социјален, културен и економски развој. Тоа подразбира дека на знаењата и вештините кои ги поседуваат дизајнерите треба да им се даде хумана димензија преку која се подобрува секојдневниот живот на луѓето. 

- Како воопшто да зборуваме за напредните решенија за инклузија, за вистинско вклучување, кога нашиот град, нашите згради, болници и улици  се исклучиви. Тоа е таа димензија на моќта на дизајнот за која секој креативец треба да е свесен, а со тоа и одговорен како ќе ја употреби. Одговорен, затоа што директно влијае на сериозни прашања и на човечкото секојдневие и живот, рече Царовска.