Македонија
24. August 2016 - 16:07

Дипломатски совет и посета на Коѕијас - Името во сенка на мерките за градење доверба

Македонија секогаш била и ќе биде посакуван сосед и во добро и во зло, порача вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Поповски. Токму затоа во услови на политички и безбедносни предизвици, соседството и регионалната соработка се во фокусот на Амбасадорскиот совет кој беше отворен утрово. Денешниот работен состанок е посветен на бегалската и миграциската криза, безбедносните закани и борбата против тероризмот, како и состојбите во Турција, на Блискиот Исток и во Сирија. Пред шефовите на дипломатско-конзуларните претставништа на Македонија, се обратија и премиерот Емил Димитриев и спикерот Трајко Вељановски.

-Во следниот период ќе треба да ги удвоиме напорите со оглед на предизвиците со кои се соочуваат на двата фронта, во ЕУ по „брегзит“ и во НАТО по повеќегодишната препрека во поглед на членството во Алијансата. Економската промоција, останува еден од најбитните приоритети бидејќи е најблиска со потребите на граѓаните на Македонија, а тоа е потребата од зголемено присуство на странски инвестиции, креирање на работни места и со тоа подобрување на животниот стандард, потенцираше Поповски.

Специјален гостин на Амбасадорскиот совет утре ќе биде и грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас. Според министерот Поповски оваа посета е можност за зголемување на довербата и подобрување на политичката комуникација помеѓу Македонија и Грција. Во фокус на средбата ќе бидат мерките за градење доверба кои се имплементираат со добра динамика, додека спорот со името е посериозен проблем, кој според Поповски нема да се реши за неколку недели или месеци.

Нашата цел беше да не се посветиме многу на комуницирање во однос на што се сме постигнале, туку во продлабочување на соработката што ќе ги релаксира односите, било да е во делот на образованието, енергетската, економската и бизнис соработка. Направени се чекори што во минатото не сме можеле да замислиме да ги реализираме. Сето ова е зголемување на довербата помеѓу Македонија и Грција, изјави Попоски.

Грчкиот шеф на дипломатијата утре ќе се сретне и со претседателот Ѓорѓе Иванов и со премиерот Емил Димитриев. Ова е втора посета на Никос Коѕијас на Македонија, а се случува во исто време кога во рамки на Школата за млади лидери во Охрид присуствува и солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој ќе оствари билатерална средба со претседателот Иванов.