Македонија
5. December 2016 - 16:19

Димовски:Гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за нови фабрики, вработувања и рестартирање индустриски гиганти

Во следните четири години цел на ВМРО-ДПМНЕ е да создаде нови 70.000 работни места, рече денеска на прес-конференција во Велес Илија Димовски носител на кандидатската листа во ИЕ 3.

Тој на велешани им порача дека нивниот глас за ВМРО-ДПМНЕ на  11-ти декември ќе биде глас за отворање нови фабрики, рестартирање на некогашните индустриски гиганти и создавање услови за нови вработувања.

- На 11-ти декември ќе треба да изберете помеѓу економијата, повисокиот животен стандарди најниската стапка на невработеност, нешта кои ВМРО ДПМНЕ досега покажа дека може да ги оствари или враќање назад во времето кога СДСМ беше на власт, време кога се затвораа фабриките, а работниците остануваа на улица. Во суштина ова е едноставен избор. Ова е избор за нас, ова е избор за Македонија! За нашата Македонија во која веруваме, за независна, самостојна и суверена Македонија! Одиме на голема победа! Одиме на 63 пратеници!, порача Димовски во Велес.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е единствената политичка структура која  првпат после дваесетина години создава нови работни места. - Во минатите години, како што рече, во Република Македонија на работа одат нови 160.000 луѓе. Пред да ја преземеме одговорноста за државата секој ден на работа оделе само 560.000 луѓе, денес таа бројка е 720.000 луѓе, со име и презиме. Тоа е нашиот најголем успех, рече Димовски.

Нагласувајќи дека граѓаните на Велес не треба да го заборават времето кога СДСМ беше на власт, истакна дека тие го оставија градот во економски колапс и дека ги затвориле сите фабрики.- СДСМ, додаде, од велешани создаде армија од 16.912 невработени и сиромашни граѓани, а Велес стана град кој немаше никаква перспектива. Но, сега сликата за нашиот град за првпат се менува и 5. 748 нови луѓе пронашле своја работа и своја егзистенција во домашните мали и средни компании, во странските фабрики во нашиот град и во околината, ги искористиле мерките за самовработување или станале земјоделци благодарение на државните субвенции, рече Димовски.

Според него значајно е што по 20 години отворена е нова фабрика во Велес - „Маркарт“,во која работат 320 лица.

Покрај оваа, посочи дека  светски познатиот холдинг „БРГ Груп“ ја купи фабриката на поранешна Порцеланка во Велес, со цел производство на кујнски производи од нерѓосувачки челик. Планираната инвестиција е вредна 30 милиони евра, а со производство ќе се започне во првиот квартал на 2017 година. Се очекува таму да се вработат 1.000 лица, наши сограѓани, во период од 5 години.

Ги напомена СТС Текстајлс, германскиот производител на специјализиран техничкитекстил, турската компанија „Еуро Бриккомпани“ која работи во поранешен „Киро Ќучук“, а најави дека се преговара и разговара со неколку нови други странски фирми заинтерсирани за отворање погони во Велес.