Македонија
27. March 2017 - 17:07

Димовски: СДСМ бега од дебата за платаформата

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе ги почитуваат Уставот, Деловникот  и парламентарната пракса во насока на заштита на државните и националните интереси на Република Македонија. Нема да прифатиме партии коишто минатите години покажаа многу пати како се блокира Собрание, како се поднесуваат илјадници амандмани, како се блокираат над 150 закони, да држат часови и лекции за тоа како Собранието треба да работи, рече на денешната прес-конференција во Собранието Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

- Правото за дебата формално го црпиме од слободите и демократијата кои ги дозволуваат највисоките правни акти. Цениме дека Собранието на РМ како највисок државен орган има обврска отворено, јасно без криење  и без молчење да дебатира за сите суптилни и значајни теми коишто се отворија по одржувањето на предвремените парламентарни избори и коишто навлегуваат во целосно редефинирање на концептот на функционирање на РМ како граѓанска и унитарна држава со мултиетничко општество, рече Димовски.

Тој посочи дека изминатите денови од СДСМ повикуваа на дебата за сите прашања, а според ВМРО-ДПМНЕ Собранието е вистинското место за тоа. Побара пратениците од СДСМ да не ја избегнуваат дебатата за да образложат што прифатиле во однос на Законот за јазици, за последиците од прифаќањето на платформата од Тирана и кој е концептот по кој во иднина треба да работат.

Според него, обидот мнозинството од гласачи припадници на македонската етничка заедница да се стават во опозиција со што некои од политичките партии сакаат да наметнат дестабилизација на РМ без право на партиципативност и одлучување за иднината на државата.

Димовски појасни дека Деловникот дава две алтернативи за предлагање на кандидат за избор на претседател на Собранието.

- Првата е Комисијата за прашања на избори и именувања, а втората е 20 потписи од пратеници. Но, едната алтернатива не ја поништува другата.Тоа значи легитимно е 20 пратеници од СДСМ да го предложат колегата Талат Џафери за претседател на Собранието, но на тој начин тие 20 пратеници не можат да го ускратат правото ниту на Комисијата за прашања за избори и именувања да предложи еден или двајца кандидати, ниту пак на другите пратеници во рамки на деловничките можности да дадат свој предлог кандидат за претседател на Собранието, вели Димовски.

Тој упати апел до СДСМ да не бегаат од дебата. - Ако СДСМ одбива да учествува во таква дебата тоа не е наведа спрема пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, туку директна навреда и презентирање арогнација кон сите граѓани на Македонија, рече Димовски.

Илија Димовски го повтори ставот дека единствен излез од постојната ситуација се предвремени избори.