Македонија
8. October 2015 - 17:26

Димовски: Подготвени сме за разговори

 

ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за продолжување на разговорите за измените на изборното законодавство, а најспорни прашања се гласањето во ДИК, Избирачкиот список и гласањето на дијаспората.  

За време на ноќешните преговори за измените во изборното законодавство, иако се очекуваше, не беше постигнат договор меѓу четирите партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА за измените во изборното законодавство. На средбите присуствуваат и амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли, а се одржуваат со посредство на белгискиот експерт Питер Ванхауте.  

ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се задржи постојниот модел за гласање на дијаспората, додека СДСМ предложила концепт за да нема пратеници од дијаспората, барајќи цензус од 90 проценти. 

Димовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ во врска со Избирачкиот список го профатила предлогот на СДСМ, откако опозициската партија се откажала од ставот за активна регистрација на гласачите. 

Вчера СДСМ предложила вмрежување на податоци од сите институции, кои би се слеале во една база и би се споредувале. Исто така била предложена теренска проверка на лица кои би ги немало во базата. Методологијата за проверка дополнително би се утврдила.

ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Димовски, не се спротивставува на предлозите на СДСМ бидејќи сакаат тие да веруваат во Избирачкиот список. СДСМ, вели, свесно даваат предлог кој нема да резултира со измени во Избирачкиот список. Ваквите ставови на СДСМ, според ВМРО-ДПМНЕ, значат признание дека Избирачкиот список и досега бил во ред. 

Во врска со дијаспората, ВМРО-ДПМНЕ смета дека гласањето треба да остане и да се бираат тројца пратеници. СДСМ според владејачката партија предлага концепт што значи да нема пратеници од дијаспората со цензус од 90 проценти. 

Не е договорен начинот на гласање во Државната изборна комисија. СДСМ, според Димовски, предложил модел што остава простор еден или двајца членови да го блокираат целиот процес на одлучување на Комисијата.  

Усогласени се 80-90 проценти од прашањата за медиумите поврзани со изборите. 

Пратеникот на ДУИ Талат Џафери вчера бил на средбата во Клубот на пратениците каде на претставниците на политичките партии им соопштил дека ќе го повлече законот, но исто така побарал и добил позитивен одговор од СДСМ дека до 20 октомври ќе се гласа овој закон. Џафери исто така рекол и дека доколку не се случи тоа, тој сам ќе го поднесе законот и оти во прашање ќе биде доведено и гласањето на министрите од опозицијата. Димовски, како што кажа, на средбата посочил дека го поддржува координаторот на ДУИ, во врска со овој закон.