Македонија
7. December 2017 - 22:16

Димитров учествуваше на Министерски совет на ОБСЕ во Виена

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров учествуваше на 24. Министерски совет на ОБСЕ, кој денеска и утре се одржува во Виена.

Од МНР соопштија дека на Министерскиот совет се дискутирало за активностите на ОБСЕ, актуелните предизвици со кои се соочува ОБСЕ регионот, како и за модалитетите за поефикасно справување со овие предизвици.

- Како држави учеснички на ОБСЕ имаме одговорност да направиме повеќе напори со цел да го направиме ОБСЕ поефикасно при справување со предизвиците. Истовремено, треба да соработуваме и да ја имаме пред нас во вид повисoката цел. Но, пред сè, како што и Македонија научи на потешкиот начин, преку сопствената неодамнешна политичка криза, не смее да има поинаква алтернатива на нашите заеднички вредности: заштита на човековите права, основните слободи и демократските норми, економска слобода и одговорност. Вредности кои се од бенефит и за македонската демократија, како и за патот кон кој сме цврсто посветени – европска и евро-атлантска интеграција, рече Димитров во обраќањето.

На маргините на состанокот, МНР Димитров имал повеќе билатерални средби и куси видувања со претставници на ОБСЕ, како и со свои колеги и останати шефови на делегации.

На средбата со новоизбраниот МНР на Кралството Холандија, Халбе Зајлстра биле разменети мислења околу реформските преземања на македонската Влада и очекувањата во поглед на европските и евро-атлантските аспирации на Македонија.

За време на средбата со МНРЕИ на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ соговорниците размениле идеи за конкретни чекори во насока на зацврстување на регионалната соработка.

Димитров се сретнал и со казахстанскиот колега Каират Абдрахманов, со кого размениле видувања околу можностите за развивање на билатералната соработка, особено во економската сфера.

На средбата на Димитров со државниот министер за Европа и Америка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Сер Алан Данкан, биле разменети мислења за актуелните случувања во двете земји, како и за поддршката од Велика Британија за реформската агенда на Македонија и нејзиониот напредок кон НАТО и ЕУ.

За време на средбата со ЗМНР на Кралството Шпанија и шеф на шпанската делегација, Илдефонсо Кастро Лопез, покрај за билатерланите односи меѓу двете земји станало збор и преземањата и очекувањата на Република Македонија во однос на приклучување на европското семејство.

МНР Димитров го информирал новоименуваниот ЗМНР на Кралството Норвешка и шеф на норвешката делегација, Аудун Халворсен за последните чекори на Република Македонија во насока на евро-атлантско интегрирање на земјата, а беа разменети мислења и за билатералната соработка.

Воедно министерот Димитров учествувал и на панел организиран и воден од страна на генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, посветен на улогата, перцепцијата и иднината на теренските операции на ОБСЕ, на кој беа претставени две успешни приказни – македонската и молдавската. Министерот Димитров во своето обраќање на панелот нагласил дека треба да се ослободиме од стигмата и поврзувањето на присуството на ОБСЕ мисија во земјата со кризи и потешкотии, и наместо тоа да се фокусираме на позитивните можности за соработка преку релевантни проекти од помош за земјата.

Панелот предизвикал висок интерес и посетеност, а воедно понуди и можност за отворена дисксуија со присутните.