Македонија
7. December 2017 - 8:40

Димитров на Министерски совет на ОБСЕ во Виена

Делегација предводена од министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, ќе учествува на 24. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кој ќе се одржи денеска и утре во Виена, Република Австрија. 

Како што соопшти МНР, шефот на дипломатијата Димитров ќе има свое обраќање на Министерскиот совет на кој ќе ги претстави ставовите на Република Македонија.

Министрите за надворешни работи на Министерскиот совет ќе разменат мислења за активностите на Организацијата во изминатиот едногодишен период во рамки на австриското  претседавање со ОБСЕ. Се очекува да бидат усвоени и поголем број одлуки кои се во доменот на надлежностите на ОБСЕ, односно кои се однесуваат на неговите три димензии: политичко - воената, економско - еколошката и хуманата димензија.

На маргините на министерскиот совет министерот Димитров ќе оствари и повеќе билатерални средби, наведуваат од МНР.