Македонија
18. December 2017 - 16:53

Димитров: Македонија членка на ЕУ, со пасош од ЕУ ќе го реши прашањето со вадењето бугарски пасоши

Македонија членка на Европската Унија, со европски пасош е решението за тврдењето на бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека 70-тината илјади Македонци кои извадиле бугарски пасоши, не се државјани на таа земја само формално, туку се Бугари, смета шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

- Вистинското решение како да се справиме со тоа што наши државјани аплицираат за пасоши на други земји членки е да ја зголемиме атрактивноста на македонскиот пасош. Вистинско и долгорочно решение како да се соочиме со овој предизвик е пасошот на Република Македонија да стане пасош на земја членка на ЕУ. И затоа е многу важно да направиме се што можеме да ја искористиме шансата што се црта полека за 2018 година. 

На средбата со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, е потенцирано дека членството на Македонија и на другите земји од Западен Балкан во ЕУ и во НАТО е еден од двата неопходни чекори за постигнување на трајна безбедност во Европа.

- Унгарија останува најгласниот поддржувач на интегративните напори на Македонија да стане членка и на Европската Унија и на НАТО. Сакаме идниот самит на НАТО да го има проширувањето на агендата. За нас агендата на следниот самит на НАТО е незамислива без темата проширување и сакаме ЕУ да одреди датум за отпочнување на пристапните преговори со Македонија следниот февруари.

За намалување на безбедносните ризици што ги носи мигрантската криза, Сијарто најави продолжување на мандатот на унгарските полицајци на македонската граница со Грција и смета дека миграцијата не треба да се менаџира, туку целосно да се запре.

Двајцата министри изразија задоволство од зголемувањето на трговската размена меѓу двете земји, која во првите 9 месеци бележи раст од 47 проценти во споредба со 2016 година.