Македонија
23. November 2017 - 13:20

Димитров и Захариева: Договорот за добрососедство да влезе во сила што поскоро

Договорот за пријателство со Република Македонија може да влезе во сила до крајот на годината. Најавата произлезе од денешните разговори на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Никола Димитров и Екатерина Захариева во рамки на првата заедничка седница на владите на двете земји. Двајцата први дипломати изјавија дека ќе вложат напори парламентите на двете земји, што е можно поскоро да го ратификуваат договорот.

- Ја поздравуваме бугарската Влада што ја внесе ратификацијата на договорот во Народното собрание. Се надевам дека до крајот на годината или на почетокот од следната и ние ќе го ратификуваме, изјави Димитров.

Бугарската министерка Захариева изјави дека се радува на заедничката седница на двете влади во Струмица.

-Многу се радувам што нашите влади се сретнаа денеска во Струмица зашто 18 години не сме имале меѓувладина седница, изјави Захариева.

Таа изрази оптимизам за европската интеграција на Балканот по поддршката од страна на Фредерика Могерини и Жан Клод Јункер кои, рече, го посочија регионот како еден од најважните приоритети на ЕК.

Димитров и Захариева денеска потпишаа и Платформа за активирање на соработката меѓу двете министерства.

Потпишувањето на Платформата е потврда на заемната желба на двете држави да за продлабочување и развој на добрососедските односи и воспоставување основа за соработка во области од заемен интерес.

Со документот се предвидуваат редовни консултации на ниво на министерствата за надворешни работи и дипломатските претставништва. Една од целите на документот е да се создадат работни тела за следење на исполнувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Двете министерства за надворешни работи ќе работат и на синхронизирање на позитивните пораки и надминување на негативните одгласи/ставови во јавноста.

Бугарската страна ја реафирмира готовноста за поддршка на Македонија во однос на стратешката цел за членство во ЕУ. Бугарија ќе ја сподели својата експертиза и искуство во областа на европските интеграции, вклучително и преку испраќање на експерти, организирање заеднички семинари и обуки.

Платформата предвидува и заеднички дејствија за справување со новите предизвици во однос на безбедноста. Двете држави ќе ја продлабочат соработката во областа на визната политика, граничната контрола и миграцијата. Двете министерства ќе вложуваат напори и за стимулирање на јавната дипломатија во сите форми, вклучително и преку заеднички проекти и учество на дипломати и вработени во министерствата на курсеви, семинари и обуки.