Македонија
13. November 2017 - 16:10

Димитров и Османи на средба со Хан и шефовите на дипломатиите на ЕУ во Брисел - Одвоена средба со Коѕијас

Македонија е назад на европската патека, а Европската Унија го враќа политичкото внимание кон Балканот. Шефот на дипломатијата Никола Димитров и вицепремиерто за европски прашања, Бујар Османи на работниот појадок со министрите за надворешни на земјите членки на Европската Унија и еврокомесарот Јоханес Хан, денеска во Брисел констатирале дека и Македонија и Унијата добиваат втора шанса. За Македонија да успее на интегративниот пат, а за Брисел да ги убеди скептиците во успешноста на пристапниот процес.

-ЕУ има одговорност да ја потврди нашата европска иднина, а ние сме одговорни за судбината на тој пат. Постоењето на магичната фраза – политичка волја, реформската ориентираност и поддршката од нашите европски пријатели се клучни за запечатување на нашата европска иднина. Ние имаме втора шанса да успееме, а нашите пријатели од Брисел имаат шанса да ги убедат скептиците во успешноста на пристапниот процес, вели Димитров.

Дискусиите на работниот појадок биле фокусирани на перспективите на Македонија во контекст на почнувањето на пристапните преговори за членство во ЕУ, за кои се очекува и датум веќе напролет, како и заложбите на Владата за постигнување суштински напредок во имплементацијата на реформите и унапредувањето на добрососедските односи.

Како клучни моменти за Македонија во престојниот период се оценуваат извештајот на Европската комисија за напредокот, Бугарското претседателство со Европскат унија, под чија иницијатива е и самитот за Западен Балканб во Софија следната година, како и стратегијата на Јункер за иднината и перспективите на Западен Балкан.

Инаку, во рамки на посетата на Брисел, министерот Димитров имаше и серија билатерални средби со министрите за надворешни работи.

Како посуштинска се оценува и најавата за средба со шефот на грчаката дипломатија, Никос Коѕијас, како сигнал за продолжување на разговорите за прашањето околу името како и за мерките за градење доверба меѓу двете земји.