Македонија
5. October 2017 - 14:16

Димитров и Коѕијас разговараа за нови форми на соработка

Иднината на регионот, чекорите кои треба да се преземат за создавање позитивна визија за таа иднина, зајакнување на соработката меѓу организациите на цивилните општества на двете земји, како и на академските институции, биле дел од темите на денешната средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, одржана на маргините на квадрилатералниот министерски состанок во Солун.

Димитров, кој денеска се сретна и со градоначалникот на Солун Јанис Бутарис, истакна дека е разговарано и за прекуграничната соработка, за зголемување на соработката на ниво на министерства за внатрешни работи, јави известувачот на МИА.

На новинарско прашање дали ќе побара објаснување од Коѕијас за налепниците кои грчките полицајци ги ставаат на македонските возила при влез во Грција, Димитров одговори дека двете земји имаат различни ставови по тоа прашање.

- Можам да го отворам и тоа прашање, меѓутоа различно приоѓаме кон него. За да се реши прашањето што не разделува, треба да најдеме прашање кое не поврзува, нагласи Димитров.

На средбата во Солун, освен Димитров и Коѕијас, учествуваат и министрите за надворешни работи на Бугарија и на Албанија.

Министерската средба изутрината ја отвори Коѕијас, кој најави дека ќе се разговара за безбедносните прашања, јакнење на соработката во оваа сфера во контекст за новите предизвици со кои се соочува регионот, но и светот генерално, засилување на прекуграничната соработка, како и енергетиката, односно можноста за нови проекти во оваа сфера. 

- Балканот е регион кој ветува многу во однос на развојот на енергетиката, во смисла на изградба на гасововоди и други проекти, поради што е потребно зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот, а пред се на четирите, кои учествуваат денеска на квадрилатералната средба во Солун, Македонија, Грција, Бугарија и Албанија, рече Коѕијас.

Истакна дека на синоќешната работна вечера биле разгледани прашања поврзани со унапредување на меѓусебната соработка меѓу земјите преку министерствата за надворешни работи.

Поединечни состаноци одржуваат министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за енергетика и за економија.

Ова е втора средба во ваков формат, во рамки на напорите на грчката дипломатија за зајакнување на регионалната стабилност и трансграничната соработка меѓу соседните земји од јужниот дел на Балканот. Настанот ќе биде со поширок дневен ред и претставува продолжение на неодамнешните контакти на Коѕијас со неговите колеги од овие три земји за време на Генералното собрание на ОН од 18 до 22 септември во Њујорк.