Македонија
13. February 2018 - 9:36

Димитров и Коѕијас на состанок со Нимиц во Виена

Министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Виена ќе ги продолжат преговорите за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, под посредништво на медијаторот Метју Нимиц. 

Вчера, истовремено двете Министерствата за надворешни работи соопштија дека Димитров и Коѕијас ќе се состанат во Виена, а дека денеска ќе имаат заеднички состанок со Нимиц на кој е предвидено да се интензивираат преговорите и ќе го разгледаат предлогот на медијаторот. 

Новата рунда преговори уште минатата недела ја најави премиерот Зоран Заев. 

Претседателот на Владата на РМ Заев, кој минатиот месец во Давос имаше директна средба со својот грчки колега Алексис Ципрас, на која ги изнесоа позициите на двете страни во преговорите за името и се договорија за одредени отстапки со цел да му се даде поттик на процесот, минатата недела посочи дека Македонија прави се за да докаже дека нема никакви иредентистички побуди.

Меѓу другото, двајцата премиери тогаш најавија и дека преговорите ќе се покреваат на повисоко ниво, односно на ниво на министри за надворешни работи.

Заев ја изрази и подготвеноста на македонската страна да се прифати географска одредница, но напомена дека не гледа потреба за промена на Уставот на земјава.

Сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена и повлекување на секакви сомнежи за иредентистички ставови, е рамката што го гарантира затворањето на проблемот, најави вчера Ципрас на состанокот на пратеничката група на СИРИЗА. 

Без превод на грчки јазик, името Горна Македонија, како што се изговара на македонски, е прифатливо решение за Ставрос Теодоракис, лидерот на грчката партија Река. Тој, како што јави дописникот на МИА од Атина, се обратил пред членовите на највисокиот орган на движењето на трибината на тема „Времињата бараат храброст и одговорност“.

Преговорите меѓу Македонија и Грција беа обновени на 12 декември минатата година во Брисел, кога со медиајторот Нимиц се сретнаа преговарачите Васко Наумовски и Адемантиос Василакис. На последната рунда разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија. 

Медијаторот кон крајот на минатиот месец ги посети Атина, а потоа и Скопје, каде имаше одвоени средби со грчкиот и македонскиот државно-политички врв.