Македонија
11. January 2018 - 16:19

Димитров и Коѕијас цел ден разговараа за името, далеку од очите на јавноста

Продолжува сегрегацијата во грчкото општество во моменти кога владата оптимистички најавува решавање на спорот за името на Македонија.

Откако влијателната во општеството, Грчката православна црква одлучи да не поддржи решение во кое ќе се содржи терминот Македонија, владата на премиерот Ципрас, преку министерството за надворешни работи остро ја коментираше одлуката, прашувајќи ја црквата дали одлучила да чекори заедно со неонацистичката конструкција на Златна Зора?

Обвинувајќи ја дека не се ни обидела да се информира за процесот, МНР ја потсетува дека црквата се меша во државни и дипломатски случаи за сериозни национални прашања од надворешната политика, а во исто време не сака државата да се меша во нејзините свети случаи. На крај грчката дипломатија ја советува црквата да биде особено внимателна и да се фокусира на националниот интерес, а не на личните интереси на архијереите.

Токму еден од нејзините владици солунскиот митрополит Антимос е најгласен против името Македонија и еден од тие што повикуваат на протести. На главниот протест што би требало да се одржи во Солун на 21 јануари против употреба на терминот Македонија во името на земјава, ќе учествуваат и пратеници и министри од коалициониот партнер на Ципрас ,,Независни Грци‘‘, обелодени пратеникот на партијата Костас Кацикис, иако лидерот на партијата Панос Каменос изјави дека има доверба во шефот на дипломатијата Коѕијас.

За главната опозициска партија Неа демократија, од која зависи судбината на евентуалниот договор за името во грчкиот парламент, самото име, неговата употреба и иредентизмот од земјава се трите точки од националната линија на партијата, непроменети од ветото од Караманлис во Букурешт.

- И денес, во целост е во сила истата национална линија. Ова не се однесува само на прашањето со името. Се однесува на прашањата за употребата на името она што го нарекуваме ерга омнес. Се однесува секако и на прашањата со иредентизмот и неприфатливите барања од соседите, кои ја навредуваат националната гордост не само на Македонците, туку и на Грците. И ова треба да запре, ако навистина сакаме да најдеме заемно прифатливо решение, објасни Мицотакис.

Во земјава, пак, менаџментот на ТАВ вели дека доколку се промени името на аеродромот ,,Александар Велики‘‘, тие ќе ја почитува таа одлука.

- Тоа е политичко прашање во кое не сакаме да се мешаме. Значи какво решение ќе прифатат македонските граѓани, ние ќе го следиме тоа решение. Ќе го почитуваме вашето решение.

Едно е сигурно и двете земји со внимание ја оечкуваат новата рунда разговори за името, што ќе се одржи во Њујорк на 17 јануари, кога се очекува медијаторот Нимиц да даде нов предлог за излез од деценискиот спор.