Македонија
21. July 2017 - 16:42

Димитров: Договорот практично ќе им го промени животот на Македонците и претставата за нивниот идентитет

Во бугарската јавност не запира дебатата по однос на договорот за добрососедство со Македонија, што е предвидено да се потпише на 1 август во Скопје од страна на премиерите Заев и Борисов.
 
Очигледно запознат со неговата содржина, поранешниот бугарски амбасадор во Скопје Ангел Димитров за националната телевизија вели дека проблемите не завршуваат со неговото потпишување. Димитров предупредува на одлучноста на владата за имплементација на договорот, опструкциите од опозицијата и психозата во јавноста поради практичните промени при неговото спроведување.
 
,,Мислам дека ќе биде исклучително тешко. Договорот предвидува практични промени во сите сфери на животот, реално гледано. Затоа што тие се поврзани со претставата за идентитетот - една од деликатните промени, со претставата за идниот развој на државата кој секогаш е поврзан со претставата за патот што го поминала до тој момент. Така што не зборувам за образование, учебници... тоа се технички работи, но се многу тешки. Многу често се дава пример за Германија и Франција, но промените почнаа на еден сложен начин. Тоа беше движење на млади од двете страни на границата, кое продолжи низ годините за да се стигне до едно ново разбирање за соживотот во Европа на две големи држави‘‘.
 
Поранешниот дипломат воедно предупредува што ќе се случи со макеоднските евро-атлантски интеграции, доколку, потпишувањето на догтоворот се пролонгира или истиот не се потпише.
 
,,Се уште има опасности да не се потпише договорот, но се надевам дека тие ќе настојуваат, мислам на одговорните во владата во Скопје и договорот ќе се потпише. Во спротивен случај Република Македонија цврсто ќе си го запре скорешното членство во НАТО, а на подолг рок и во ЕУ, независно дали ќе смета на една рационална поддршка на некои влијателни држави‘‘, изјави Димитров.
Темата договор за добрососедство утрината повторно беше и на бугарската телевизија БТВ, каде гостуваше порнашениот министер за образование Веселин Методиев, кој смета дека Македонците ќе се соочат со историјата и фактот дека во државата живеат Бугари или потомци на Бугари.