Македонија
9. November 2016 - 20:32

Димитриев-Жбогар: Извештајот е патоказ за идните активности за ЕУ агендата

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2016 година како земја кандидат за членство во ЕУ може да послужи како добар патоказ за активностите што треба да ги спроведе новата Влада по завршувањето на претстојните избори, оценија денеска претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев и евроабасадорот Семоел Жбогар.

- Европската агенда за Македонија останува врвен приоритет и на тоа силно ќе бидеме фокусирани во наредниот период. Укажувањата и забелешките кои се дел од Извештајот се нов патоказ за идните активности кои треба да ги направиме. Се надевам дека со одржувањето на изборите и формирањето на политичката влада ЕУ агендата повторно ќе дојде на дневен ред, како еден од највисоките приоритети, рече Димитриев по средбата со Жбогар, на која евроамбасадорот му го предаде Извештајот за напредокот на Република Македонија.

Додаде оти се надева дека новата влада ќе може со многу посилен фокус да се насочи на ЕУ агендата отколку што тоа било случај во изминатата година бидејќи, како што рече, таа беше година во која се соочувавме со исклучително големи политички предизвици, мигрантска криза, а Владата функционирала во облик на техничка за спроведување на изборите.

- Се надевам дека со реализација на последниот чекор од договорот меѓу политичките партии, а тоа е одржувањето на изборите ќе се создадат услови за поголемо внимание на итните реформски приоритети кои сметам дека Македонија прво ќе ја добилижат до ЕУ, а понатака и ќе ја внесат во Унијата, рече Димитриев.

И евроамбасадорот Жбогар го дели ставот дека Извештајот може да биде патоказ за институциите, за Парламентот и Владата по изборите и нејзините активности на европска агенда. 

- Овде сум повеќе од два, два и пол месеци и со кого и да зборувам во земјата со сите политичари, но и неполитички личности, мислам дека европската агенда е приоритет на сите. Затоа мислам дека таа е нешто што ги обединува сите политички лидери, политички сили, сите луѓе во земјата, истакна евроамбасадорот.

Посочи дека Извештајот е искрен и оти има многу препораки кои можат да бидат искористен од институциите, кога се дискутура за реформите кои се очекуваат по изборите. 

Според него, позитивно е што Комисијата повторно препорачува почеток на преговорите иако, како што рече, има одредени услови, прво добри избори, нешто што го очекува и ЕУ и граѓаните, и второ новата Влада и институциите искрено и темелно да работат на реформите.

- На изборите гледаме со надеж дека тие би можеле да бидат почеток на нов процес и овде внатре во земјата, но и нов процес во рамките на Европската унија, додаде Жбогар.

Тој ја искористи можноста во име на Унијата да и се заблагодари на Македонија за, како што рече, исклучително добрата соработка по прашањето на мигрантската криза, изразувајќи надеж за таква соработка и во иднина