Македонија
28. January 2016 - 19:17

Димитриев на средба со Чичаковски во ДИК

Продолжува конструктивната соработка помеѓу Владата и Државната изборна комисија. По денешната средба со членови  на комисијата, премиерот за спроведување на избори Емил Димитриев изрази подготвеност за решевање на сите проблеми со кои се соочува ДИК со цел организирање на фер, демократски и кредибилни избори на 24 април. Според него, доколку во следниот период политичките партии постигнат договор за методологијата за водење и ажурирање на избирачкиот список, ДИК е сериозно подготвена да ги реализира изборите во предвидениот датум.

Од она што можев да го чујам од нивна страна, и тие се на размислување дека под претпоставка ако се договори методологијата за прочистување на избирачкиот список кој е предмет на разговор помеѓу политичките партии, тие се подготвени. Веќе имаат сериозни подготовки направени за оперативно ставање во функција на методологијата и сметаме дека овој тајминг, овие рокови ќе бидат запазени, истакна Димитриев.

Димитриев потенцираше дека досега се исполнети сите барања на ДИК од претходната средба, а на следната владина седница ќе се решат и нивните денешни барања. Ова уште еднаш ја потврдува силната заложба на Владата за поддршка и помош на комисијата за полесно организирање на фер и демократски избори. Во таа насока, Владата вчера задолжи 10 државни институции на ДИК да и ги пренесат податоците од своите регистри  и бази на податоци за полесно ажурирање на Избирачкиот список, комисијата ќе добие три нови простории целосно технички опремени, на располагање ќе има 50 автомобили, а ќе бидат подмирени и сите трошоци за теренските активности. Од Државната изборна комисија информираат дека на денешната средба, претседателот Александар Чичаковски меѓудругото ги истакнал прашањата поврзани со кадровското доекипирање и за просторното и техничко опремување на комисијата.

Владата на Република Македонија изрази подготвеност да излезе во пресрет на барањата на ДИК кои се однесуваат на организационо технички подготовки на вкрстените проверки на различни бази на податоци, теренските проверки и други правни работи, се вели во писменото соопштение на комисијата.