Македонија
19. May 2017 - 16:11

Димитриев или Заев, кој ќе ја претставува Македонија на вечерата кај Могерини?

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, на неформалната вечера што треба да се одржи на 24 мај во Брисел ќе упати покани до Премиерите на земјите од регионот.

Портпаролот на европската комисија вели дека имињата на Премиери што ќе бидат поканети ќе се знаат дополнително.

,,Тоа што можам да ви го кажам во оваа фаза е дека поканите се испратени до Премиерите. Ќе можеме да ги потврдиме имињата на тие што ќе учествуваат кога ќе бидеме поблиску до датумот. Затоа, ве молам за трпение, но сигурно ќе знаете кој ќе доаѓа најдоцна до 24 мај’’, изјави Коцијанчич

Инаку, во Македонија и во Србија во тек е процесот на формирање нова влада, откако Претседателот Иванов му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а во Србија Александар Вучиќ треба да влезе во кабинетот на Шефот на државата и да се назначи нов Премиер.

Во меѓувреме француското МНР и американскиот Стејт Департмент се надеваат на брзо формирање влада во Македонија, откако ја поздравија одлуката на претседателот Иванов, да му го додели мандатот за формирање влада на Заев.