Македонија
21. April 2017 - 16:20

Димитриев до Рама: Каква неодговорност од социјалист кој најотворено подгрева национализам

Додека мојот колега од Албанија „од ракав“ вади сценарија за спојувања на Албанија и Косово, доколку пропадне европската интеграција на државите од Регионот, негови дежурни адвокати се трудат да го правдаат со теза дека тоа што Рама бара домашни предизборни поени преку брутално мешање во македонските процеси биле од ,,пријателска природа’’, пишува Премиерот Емил Димитриев на неговата фејсбук страница, како реакција на опасните идеи на албанскиот Премиер, поддржани од косовскиот Претседател Хашим Тачи.

-Каква неодговорност од социјалист кој најотворено подгрева национализам! Додека владее конфузност кај политичари во соседството дали сакаат да поддржат навистина пријателски дух во Регионот или не, сакам да им порачам дека ние, иднината на Македонија ја гледаме во Европската унија и немаме дилема во однос на овој стратешки приоритет. Ваквите изјави не се во прилог на добрососедството и градењето пријателски односи. Напротив, додаваат масло на огнот кој тлее и ги разгоруваат националистичките чувства кај сите поединечно. Дури и Европската унија нема дилема дека иднината на државите од Регионот е во ЕУ. Само Рама со неговиот тим ги има и очигледно мисли дека со неговите алтернативи добива предизборно и ги покрива домашните слабости, пишува Димитриев.

Според македонскиот Премиер никакво територијално прекројување, обединување или разединување не е во насока на поголема стабилност и мир, ниту на просперитет. Главната цел на секоја суверена држава од регионот треба биде зголемување на стандардот на граѓаните, во сопствените граници. Со посветена работа дома полесно ќе можеме да се приближиме кон европското семејство, зашто иднината на регионот не е во обединувањето на две држави или повеќе територии, туку во обединувањето на сите околу европските вредности во Унијата, му порачува Димитриев на Рама.

И неговиот српски колега Александар Вучиќ во реакцијата на опасните тези на Рама ја повика Европската Унија да излезе со јасни ставови за случувањата во регионот.

-Ако јас кажам нешто за обединувањето на сите Срби во регионот, во Брисел ќе ме закачат на јарбол место знамињата што се кренати  таму, потенцира Вучиќ. 

Во меѓувреме, српските медиуми, повикувајќи се на разузнавачки извори тврдат дека Албанија, по налог на премиерот Рама ги наоружува Косоварите, а во истовреме на Северот на Косово е забележан и поголем број екстремисти Албанци од Македонија. На оваа појава српските служби биле предупредени од  службите од регионот.

Видеа од Македонија

  •  
  • Страна 1