Македонија
25. February 2016 - 19:14

ДИК: Вкрстената проверка може да почне за една недела и ќе трае од 7 до 10 дена

Во рамки на процесот за прочистување на Избирачкиот список пред крај е целокупната валидација на податоците добиени од базите од 11 државни институции и се очекува деновиве да почне вкрстувањето на податоците,  беше истакнато на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК).

- ИТ експертите не информираа дека се на крај со целокупната постапка на валидација на податоците, оти тие се испратени до трите ИТ компании кои ќе ги вршат вкрстените проверки и се надеваме дека денеска или утре ќе почне оваа вкрстена проверка, рече на седницата членот на ДИК Сашо Срцев.

Оваа вкрстена проверка, според проценките на експертите, ќе трае од седум до десет дена. 

На денешната седница Државната изборна комисија ги усвои  Извештајот за спроведените активности на информатичката експертска група за процесите на внесување, нормализирање и чистење на базите на податоци добиени од институциите и Планот за проверки и статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции заради ажурирање на Избирачкиот список врз основа на Правилникот за методологијата за водење и ажурирање на избирачкиот список.

Експертот Мајк Бурке, консултант од ИФЕС, рече дека обработката на податоците се завршени во најголем дел и оти сега останува исто така да се провери квалитетот на добиените податоци. До ДИК податоци испратија ФЗОМ, АВРМ, ПИОМ, Катастарот, МЗШВ, МТСП, Управата за водење матични книги, Централен регистар, НБРМ,  УЈП и МВР.

Бурке најави дека ќе има посебно вкрстување на податоците добиени од четири институции и тоа од ФЗОМ, ПИОМ, АВРМ и МТСП. На забелешките на членот на ДИК Сузана Бонева рече дека оваа проверка нема да го оддолжи процесот, туку, според него, резултатите што ќе се добијат можат да ја забрзаат постапката на прочистување на Избирачкиот список.

Вкрстувањето на податоците од толку многу институции, според членот на ДИК Бедредин Ибраими, ќе помогне за што поголемо филтрирање и добивање помал број податоци за лица на кои потоа треба да се врши проверка.

Како што беше посочено на денешната седница на ДИК, ќе се проверуваат податоците на сите полнолетни лица кои нема да бидат во најмалку две бази на податоци од овие 11 институции, како и починати лица, повеќе лица регистрирани во еден стан, државјани на Република Македонија коишто немаат живеалишта во земјата кои се запишани на повеќе од едно избирачко место, фиктивни гласачи со издадени лични карти и пасоши од МВР, лица со добиено државјанство пред последните избори, лица со нови лични карти кои ги исполнуваат законските услови, а не се во Избирачкиот список, лица со пасоши без адреса  на живеење во Македонија и др. За некои сомнителни записи ќе се бараат историски податоци во избирачките списоци.

Бонева предупреди исто така дека би можело бројот на лица коишто ќе излезат само во една база да биде поголем бидејќи, на пример, како што посочи, младите студенти не се пријавуваат, во Агенцијата за вработување или, пак, во другите институции.