Македонија
9. October 2017 - 17:34

ДИК почна со распределбата на изборниот материјал што не е доверлив, како и на гласачките кутии и параваните

На 15 октомври оние кои ќе излезат на гласање ќе добијат две гласачи ливчиња, едно за избор на градоначалник, друго за советничка листа. Само скопјани ќе добијат четири избирачки ливчиња и тоа прилично долги. Две од четирите ливчиња ќе бидат за градоначалник и советници за конкретна скопска општина, а другите две соодветно за град Скопје. ДИК вчера го објави упатството за гласање со девет правила и информации за избирачите.

„Избирачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на избирачкото право.  За гласањето за локални избори, избирачот се потпишува во изводот од избирачки список наменет за локалните избори. Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот. Гласањето се врши тајно, зад параван“, насочуваат  од Државната изборна комисија.

Во упатството укажуваат дека избирачот гласа со заокружување на редниот број пред кандидатот т.е. носителот на листа. Сепак, како што претходно одлучија во ДИК, за важечки ќе ги сметаат и оние ливчиња кај кои ќе се заокружи и името и презимето на кандидатот за градоначалник односно носителот на листата за советници, па дури и симболот пред имињата на кандидатите.

Заради обезбедување на тајноста на гласањето  забрането е користење на мобилни апарати, фотоапарати или други средства за снимање на изборниот материјал или избирачите.

На една недела од гласање, ДИК ја почна и распределбата на изборниот материјал кој не е доверлив, како и гласачките кутии и паравани. Материјалот, според објавениот распоред, ќе се доставува до општинските изборни комисии до среда. Најголем број на избирчки кутии и паравани ќе бидат доставени во скопските општини околу 2900 кутии и 1700 паравани. Од другите општини Куманово со липковско ќе добијат најмногу избирачки материјал спакуван во 1154 кутии, со 522 паравани. Најмалку изборен материја, пак, камионите на ДИК ќе однесат вo Делчево, Берово, Пехчево и Македонска каменица за каде ќе бидат доволни 203 кутии со 199 паравани.