Македонија
5. May 2016 - 16:24

ДИК: Истекува рокот за предавање на партиските листи за членови на избирачките одбори

Истекува првиот клучен рок на ДИК за одржување на изборите на 5 јуни. До полноќ партиите треба да ги достават листите со кандидати за членови на избирачките одбори. Се очекува, партиите кои ќе достават свои кандидати да учествуваат на изборите.

ВМРО –ДПМНЕ веќе ја поднесе својата листа. На неа сеа 3.500 кандидати за членови на одборите.
Во текот на денот се очекува истото да го стори и ДУИ, бидејќи според неофицијалните информации во Мала Речица листата веќе била подготвена. 
Во ДПА се уште тактизираат, а ставот на СДСМ е дека нема да предложи свои кандидати бидејќи не планира да учествува на изборите.
Од ДИК потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веќе ги поднеле своите кандидатски листи за членови на избирачките одбори за гласањето во дијаспората. Од комисијата ги повикуваат иселениците кои ќе гласаат во странство да поднесат пријава за гласање најдоцна до 9 мај во дипломатско конзуларните претставништва.
Последниот рок во кој партиите ќе можат да калкулираат со своето учество на изборите истекува на 11 мај, до кога мора да се поднесат листите со кандидати за пратеници. Во периодот кој останува до тогаш, продолжуваат интензивните напори на меѓународните претставници да издејствуваат договор меѓу политичките лидери.

Според неофицијалните информации, последните обиди на Бејли и Орав да ги седнат лидерите на заедничка маса завршиле без успех. Неофицијално, позициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се уште се многу далеку за да може да се размислува за било каков компромис, иако според партиски извори во текот на изминатите денови, партиите одржуваат редовни средби на кои се прави обид за приближување.
Сител дознава дека СДСМ преку своите претставници го понудиле 2 октомври како можен датум за избори со претходно поништување на аболицијата. За ВМРО-ДПМНЕ оваа понуда била неприфатлива бидејќи тоа ќе значи заобиколување на уставот со повторното свикување на Собранието, позиција со која владејачката партија не може да се согласи.
На решение со кое опозицијата би се појавила на избори на 5 јуни инсистира и ДУИ. Извори од Мала Речица велат дека сите опции се отворени меѓу кои и учество на изборите но и враќање на политичката влада со Груевски на чело во случај изборите да не се одржат.