Македонија
12. October 2017 - 16:25

ДИК го достави избирачкиот материјал - Се е подготвено за гласањето в недела

ДИК ја започна дистрибуцијата и примопредавњето на доверливиот изборен материјал на општинските изборни комисии, за локалните избори закажани за 15 октомври. Распределбата на изборниот материјал се одвива според планираното, истакна потпретседателот на ДИК Реџеп Прокупица, за време на утринската посета на печатницата од каде се вршeше дистрибуцијата на материјалот.

Согласно изборниот законик, ДИК изборниот материјал го предава до ОИК најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите. ОИК е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде материјалот на избирачките одбори.

Локалните избори во Македонија ќе се спроведуваат на 3480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Граѓаните кои во недела ќе излезат на гласање ќе добијат гласачки ливчиња за избор на градоначалник и за советничка листа. Скопјани пак, ќе добијат четири гласачки листиња, бидејќи освен за општината на која и припаѓаат, ќе гласаат и за градоначалник на Скопје и за советничка листа.

Кампањата за првиот изборен круг ќе заврши во петок на полноќ. Вториот круг е закажан за 29 октомври.