Македонија
20. October 2017 - 17:19

ДИК ги одби сите приговори - ВМРО-ДПМНЕ најавува тужби, СДСМ бара да ги признаат резултатите

Државната изборна комисија ги одби сите 43 приговори поднесени од партии и учесници на изборите на 15 октимври. По долга и жестока расправа и пробрејување на гласачки ливчиња со мнозинство гласови ДИК  ги отфрли 40-те приговори на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а со кои се оспоруваа гласањето и резултатите во Скопје, Радовиш, Прилеп. Во текот на денешниот ден ДИК ќе им ги достави и решенијата за приговорите на партиите, по што тие правдата ќе можат да ја бараат пред Управниот суд. Опозицијата обвини дека сите одбиени приговори се доказ за тоа дека СДСМ спровела криминални избори.

“Владата на СДС спроведе криминални избори. Тоа им беше потребно за да владата на СДС и Зоран Заев продолжи да ја раскрчмува државната каса, и да ја ограбува државата. Тие ги излажаа и изманипулираа граѓаните и го прекршија ветувањето кое што го даде во предизборието дека нема да ја задолжува државата.“

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат тужби до Управниот суд, особено за оние избрачки места како во Центар или Чаир каде и самите изборни органи утврдија вишок на избрачки ливчиња во кутиите.

Од владејачката СДСМ пак одговорија дека граѓаните гласаа слободно, а изборите беа фер и демократски, по што редно е ВМРО-ДПМНЕ да го признае изборниот пораз. Од СДСМ коментираат.

„Организирањето криминални избори и системската злоупотреба на државните институции и ресурси во партиски цели беа одлика на владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и тоа време заврши. Наместо да бара апсурдни оправдувања, ВМРО-ДПМНЕ треба да  да им честита на граѓаните за мирните, фер и слободни избори и да го признае изборниот пораз“

На работата на ДИК се пожалија и од ТМОРО. Во соопштение коментираат:

„Нашите приговори се кријат од јавноста и јасно е дека за регуларност веќе не може да стане збор. Повторуваме дека за гласачките места во Аеродром, Кавадарци и град Скопје бараме рачно броење на ливчињата од кутиите“.

Според законските процедури против одлуката на Државната изборна комисија против решението на ДИК може да се поднесе тужба до Управен суд во рок од 24 часа по приемот на решението, при што Судот е должен да донесе одлука во рок од 24 часа по приемот на тужбата и истата да ја објави на својата веб страница во рок од 24 часа.

„Бројот на судии на Управниот суд, кој ќе одлучуваат по тужбите за локалните избори 2017 година, изнесува 25  кои ќе постапуваат во 5 (пет) совети од петмина судии, избрани по пат на ждрепка. Одлучувањето ќе се одржи на јавна седница“, коментираат од Управниот суд.

Досега во Судот не е поднесена тужба. Се очекува тоа да се случи во попладневните часови или пак, утре.