Македонија
21. December 2016 - 16:19

Дијаспората бара почитување на волјата на гласачите

Обединетата македонска дијаспора апелира до лидерите на двете најголеми политички партии да ги остават личните интереси и да се фокусираат на националните интереси на државата.

ОМД повикува на почитување на Уставот што ги гарантира правата на сите државјани, вклучувајќи ги и малцинствата, кои ги уживаат сите права во Македонија. Само со почитување на Уставот сите ќе се чувствуваат рамноправни, а повиците и идеите на некои политички лидери за двојазичност, кантонизација и федерализација на државата ќе згаснат и ќе бидат побиени од самите жители на државата, се вели во соопштението од ОМД.

Најголемата организација на Македонците во дијаспората ги повикува и амбасадорите да се воздржат од мешање во внатрешната политика.

,,ОМД ги повикува странските дипломати во државата да се воздржат од евентуални интервенции во внатрешната политика на државата, особено во каква било форма на притисок врз лидерите на политичките партии околу составот на следната Влада’’.

Секое мешање и притисок може да предизвика сериозни и долготрајни меѓупартиски и меѓуетнички проблеми во Македонија, додаваат од ОМД.

За Македонците од Тампа, САД секој обид да се оспорат резултатите од изборите е обид за изигрување на вољата и одлуката на македонскиот народ.

,,Победникот на изборите е јасен и народот недвосмислено се одлучи за ВМРО-ДПМНЕ. Поразениот треба да им даде приоритет на државните интереси, да го прифати поразот и за доброто на македонскиот народ да почне да делува како конструктивна опозиција. Македонскиот народ не смее да дозволи постизборен инженеринг на својата воља’’, се вели во отвореното писмо од  здружението ,,Македонско сонце’’ од Флорида.

Тие го обвинуваат Зоран Заев дека успеал да се испазари и со уцени да наметне услови преку кои дијаспората ќе ги загуби своите претставници во Собранието.

На ускратувањето на правото на глас реагираат и Македонците од Виндзор, Канада.

И покрај уредното пријавување, потврдено со потпис од Претседателот на ДИК Чичаковски, тие биле избришани од избирачкиот список.

,,Ја прашуваме целата јавност, сите државни институции кои беа службено ангажирани за спроведување на изборниот процес, но најмногу ја прашуваме Државната изборна комисија кој се дрзна да не избрише од избирачкиот список? Кој се осмели да ни го повреди законски загарантираното право на глас?, прашуваат во писмото.

Констатирајќи дека бришењето од списокот е режирано од ДИК, од македонскиот културен центар Виндзор сметаат дека тоа директно влијае на  севкупниот изборен резултат. Од здружението апелираат да не се потпаѓа под притисок, да не се дозволи прегласување, формирање Влада на широка коалиција, промена на Уставот, промена на името и федерализација на Македонија.