Македонија
15. March 2017 - 15:33

Детали: Октриена причина за убиството во Битола

Битолчанецот Илија Дарков (53) со сукало и ја искршил главата и ја претепал до смрт својата сопруга Емануела Даркова(47) завчера во заедничкиот стан во Битола, а потоа лажно пријавил во полиција дека некој ја убил, информираш МВР.

Според официјалните информации од истрагата, причина за убиството биле нарушените меѓусебни односи. Неофицијално, пак, Илија ја убил сопругата поради расправија за станот, кој тој наводно го изгубил поради долгови, пишува ДНЕВНИК.

СВР Битола поднесе кривична пријава за убиство против И.Д., кој делото го направил на крајно свиреп начин и тоа со повеќе удари со тап тврд предмет, најверојатно, сукало, кое го имал дома, и на жртвата ~ нанел смртоносни повреди во пределот на главата.

– Осомничениот во понеделникот околу 10 часот во СВР Битола пријавил дека неколку минути претходно во семејниот дом ја пронашол својата сопруга Е.Д. падната на подот во дневната соба. Таа била целосно облеана во крв во горниот дел на телото, особено во пределот на главата, без знаци на живот. Екипа на СВР Битола, во присуство на јавен обвинител, извршила увид на местото на настанот, при што е констатирано дека во дневната соба, без знаци на живот, се наоѓа сега починатата Е.Д. Смртта ја констатирал лекар од Службата за итна медицинска помош – Битола, а по наредба на јавен обвинител над телото на починатата е извршена обдукција – велат од МВР.

Според полицијата, инспекторите во станот не забележале претурање на предмети и растурања, кои се карактеристични за евентуален упад на лица со материјален мотив, односно не го зеле во обѕир разбојништвото како мотив. Во насока на таквото размислување бил фактот дека во станот имало лаптопи, мобилни телефони и други вреди предмети.

– Од страна на крим-техниката не се констатирани траги од насилно влегување во станот. Предмети и траги, како и комплетната облека на пријавениот, биле подигнати и испратени на вештачење во МВР. На облеката на осомничениот биле забележани траги слични на крв, особено во долниот дел на облеката, кои упатуваат и оставаат сомнеж дека тој се јавува како можен извршител на делото – информираат од МВР.

Полицијата го уапсила Илија Дарков и против него поднела кривична пријава, која е предадена до Основното обвинителство.

– Основното јавно обвинителство Битола до судија на претходна постапка при Основен суд Битола достави предлог за определување мерка притвор против едно лице за сторено кривично дело убиство од чл.123, ст.2 т.2 од Kривичниот законик. Предлогот е доставен поради постоење основано сомнение дека осомничениот на 13 март поради претходно нарушените меѓусебни односи, во дневната соба од заедничкиот дом со вршење семејно насилство ја лишил од живот оштетената – сопругата Е.М.Д. од Битола. Осомничениот со повеќе удари со тапи тврди средства – дрвени сукала, ја удирал по главата оштетената нанесувајќи ` повеќе повреди, од што настапил смртен исход – изјавија од Обвинителството.

Битолчани велат дека убиецот ја реновирал викендичката во селото Магарево поради што се задолжил. Тој не можел да ги исплати долговите, па доверителите го тужеле. Долгот бил голем, па работата дошла до тоа да го изгуби станот. Најверојатно, извршител во понеделникот го продал станот, па тоа била причина за расправија меѓу сопружниците, која завршила трагично. Kога ја убил Емануела, Илија ја заклучил вратата од станот и отишол во подрумот за да има некакво алиби, па кога се вратил дома, се јавил во полиција и рекол дека ја нашол вратата од станот отворена, а сопругата мртва.