Свет
20. јуни 2016 - 12:52

Десничарската група Прво Британија со најмногу следбенци на интернет

Екстремно десничарската група Прво Британија (Britain First) има најмногу следбенци на интернет, откриваат лондонските медиуми, кои трагаат по мотивите за убиството на опозициската пратеничка Џо Кокс.

Дури 1,4 милиони лајкови се регистрирани на интернет страницата на групата, што е далеку повеќе од бројот на следбениците на сите други регистрирани британски политички партии.

Владејачките конзервативци имаат 550 илјади лајкови, додека опозициските лабуристи 480 илјади.

Името на оваа група за пошироката британска јавност стана познато, веднаш по бруталното убиство на лабуристичката пратеничка Џо Кокс, кога беше пбелоденето дека нејзниот убиец Томас Меир извикувал „Прво Британија„ и „Британија над се“.

Ултра десничарската група постои пет години и таа важи за поекстремно крило на Британската национална партија (БНП), кое одлучило да се отцепи од партијата, која често беше означувана како изразито антимуслиманска и расистичка.

Веднаш по отцепувањето од БНП, групата Прво Британија гради претстава за себе како за паравоена единица. Нејзините припадници сакаат да се облекуваат во маскирна, воена облека, организираат кампови за воена обуука во природа и одржуваат паради носејќи бели крстови.

Во Велика Британија оваа група настојува да се претстави себе си како директна акција против „глобалниот исламски џихад“, но на нивните страници има бројни текстови против мигрантите и имиграцијата во Велика Британија.

Извиците на убиецот Меир, кој се сликал во маскирна воена униформа, некои безбедносни аналитичари го поврзаа со групата, но лидерот на Прво Британија, Пол Голдинг категорично ги отфрла таквите сомневања, тврдејќи дека групата нема ништо со Меир и со убиството на пратеничката.

Медиумите во Лондон открија дека групата, во текот на кампањата за евроизборите агитирала кај своите следбенци да гласаат за антиевропската Партија на незвсноста на Обединетото кралство (УКИП) и за нејзиниот лидер Најџел Фараж. Оваа екстремно десничарска група повеќепати досега и се нудела на УКИП нејзини членови да бидат обезбедување за Фараж и за другите функционери на најантиевропската партија во Велика Британија.

Медиумите потсетуваат дека убиената Кокс не само што агитираше за останување на земјата во ЕУ, туку и за прием на сириски бегалци.