Свет
1. January 2018 - 18:32

Десетици убиени во саудиски воздушен напад во Јемен

Најмалку 23 лица биле убиени во денешните напади на саудиското воздухопловство врз пристаништето Ходеид во државата Јемен.
 
Јеменски медиуми јавуваат дека бомбите погодиле бензинска станица и предизвикале пожар на градски пазар. Саудиска Арабија неодамна даде дозвола ова стратегиски важно пристаниште да биде повторно отворено за доставување на храна и хуманитарна помош за изгладнетото јеменско население.
 
Иран и Саудиска Арабија водат индиректна војна во Јемен, при што Саудијците ја поддржуваат сунитската влада која го држи пристаништето Аден и централниот дел на земјата, додека Иран им помага на герилските одреди на шиитското Хути население, кое ги контролира западниот дел на Јемен и главниот град Сана.
 
Ходеид е во шиитскиот дел на земјата, каде што хуманитарната состојба е и најкритична. Саудиска Арабија вели дека ембаргото врз јеменските пристаништа е неопходно, особено откако Хути одредите истрелаа два балистички проектили кон саудискиот главен град Ријад. Според САД и Саудиска Арабија, овие проектили биле прошверцувани во Јемен од Иран.